Онлајн предавањето на др Адижес ќе се одржи на 5 мај, со почеток во 17:00 часот.
Еден од најценетите бизнис и организациски консултанти во светски рамки, д-р Исак Адижес ќе одржи ексклузивно онлајн предавање за македонската публика. Во време кога се соочуваме со една од најголемите кризи во модерната историја, д-р Адижес ќе ги претстави своите согледувања и совети за менаџирање компании и организации за време на кризниот период, но и по неговото завршување. Предавањето, кое го организира М6 Едукативниот центар, ќе биде јавно достапно за сите заинтересирани.
На овој настан, д-р Адижес ќе го пренесе своето долгогодишно искуство и на тој начин да им помогне на македонските менаџери полесно да ја пребродат кризата предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, но и како подготвено да го дочекаат посткризниот период. Предавањето е наменето за сите носители на одлуки во компаниите и институциите без разлика дали станува збор за стартапи, за мали и средни фирми или пак за големи компании.
Д-р Исак Адижес е еден од најангажираните и најреномирани предавачи и консултанти во светот. Бил професор на повеќе престижни универзитети, а неговото име е на листата 30 најдобри консултанти во САД. Како признание за придонесот во развојот на теоријата и практиката на менаџирање, д-р Адижес е носител на 21 почесен докторат од универзитети во десет земји. Неговата уникатна Адижес методологија за управување со организациски промени повеќе од четири декади им помага на голем број корпорации, влади и организации да постигнуваат врвни резултати во своето работење. Со оглед на тоа што е роден во Скопје и остварува редовни контакти со стопанственици и професори од земјава, д-р Адижес е одличен познавач на состојбите во нашата држава.
Онлајн предавањето на д-р Адижес ќе се одржи на 5 мај, со почеток во 17:00 часот.