Тим од научници откри антитело кое го спречува корона вирусот да ги зарази човечките клетки. Ова револуционерно истражување може да доведе до развој на нови лекови.
Надградувајќи ги веќе постојните истражувања за САРС корона вирусот, научници од Универзитетот Утрехт во Холандија, центарот Ерасмус Медикал и компанијата Harbour BioMed (HBM), откриле антитело кое го спречува вирусот САРС да навлезе во човечките клетки и може да го блокира корона вирусот. Тие тестирале колекција антитела на одгледани човечки клетки и откриле едно антитело кое се врзува на дел од вирусот присутен и во САРС и во САРС-КоВ-2.
Ова откритие би можело да биде првиот чекор до развивање целосен лек со антитела за лечење или за спречување на развојот на болеста КОВИД-19. Неутрализирачкото антитело има потенцијал да го стопира текот на инфекцијата во заразената личност, да му помогне на телото да се исчисти од вирусот или да ги заштити незаразените луѓе кои се изложени на тој вирус.
Со оглед на тоа дека антителото користено во истражувањето е целосно од човечко потекло, тоа овозможува развојот на лекот за корона вирусот да продолжи со забрзано темпо и да се намали веројатноста за нуспојави поврзани со имунитетот.