Американската компанија Twitter планира да им одобри на дел од своите вработени да работат од дома дури и кога ќе се укинат целосно мерките за изолација. Оваа американска социјална мрежа е првата голема компанија од технолошката индустрија која донесе ваква драстична одлука во однос на работата на далечина.
„Ако нашите вработени имаат улога и позиција која им овозможува да работат од дома и ако тие сакаат трајно да го прават тоа, ние ќе им овозможиме. Во спротивно, нашите канцеларии топло ќе ги примат со некои дополнителни мерки на претпазливост кога ќе процениме дека е безбедно да се вратат“ велат од Twitter.
Оттаму наведуваат дека со многу ретки исклучоци, канцелариите ќе останат затворени со септември и дека повторното отворање секако ќе биде смислено, постепено и ќе зависи од случај до случај.
Нема да има никакви деловни патувања пред септември и повеќето настани на компанијата предвидени за 2020 година за кои е потребно физичко присуство се откажани. Тие упатства дошле од директорот и основач на компанијата, Џек Дорси.
Twitter на средината на март своите вработени од целиот свет ги остави да работат од дома со цел да е борат против ширењето на вирусот. Слични одлуки донесоа и други големи интернет компании како Google, Apple, Facebook итн., кои враќањето во канцелариите го одложија до 2021 година.