Бектеши: Потпишани договори со 23 инвеститори за изградба на фотоволтаици на приватно земјиште

- Advertisement -

Министерот за економија, Крешник Бектеши, на денешната прес-конференција информира за реализацијата на јавниот повик за изградба на фотонапонски централи на приватно земјиште, што ќе значи почеток на еден нов инвестициски циклус во делот на обновливите извори на енергија во земјата.

Како што информира Бектеши, еден од главните приоритети на Владата е подобар квалитет на животот на своите граѓани, а овој приоритет се применува и во енергетскиот сектор преку политики, кои овозможуваат промоција на обновливите извори на енергија, како и унапредување на енергетската ефикасност.

- Advertisement -

„Министерството за економија како надлежно министерство за политиките во делот на енергетиката поддржува активности за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност, со цел реализација на зацртаните цели за учеството на обновливите извори на енергија утврдени во стратешките документи во насока на постигнување национална цел за заштеда на енергија. Со новиот Закон за енергетиката и со големиот број инвестиции во обновливи извори на енергија и гасификација, Владата го стабилизира вртоглавиот раст на цената на струјата. Во споредба со времето на претходната влада, кога цената на струјата порасна 100 отсто, денеска граѓаните плаќаат една од најниските просечни цена за киловат-час во регионот и во Европа“, потенцира министерот Бектеши.

Министерот потсети дека со Стратегијата за енергетика е обезбедена регулатива и политики за максимално искористување на обновливите извори на енергија, што и една од главните цели на енергетската политика на Владата.

- Advertisement -

Министерството за економија објави два меѓународни тендера за доделување премии за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали, при што првиот е успешно завршен.

Тендерската постапка за доделување премии се спроведе како отворена постапка, најтранспарентно, при што беа доставени 44 понуди и по комплетно спроведената евалуација и роковите за жалби, се утврди дека од понудените 27 MW, потпишани се договори за право на користење на премија за вкупно 21 MW, во согласност со доставените понуди за 29 локации во целата држава, со вкупно 23 инвеститори во 16 општини. Јавниот повик беше поделен во четири дела во зависност од површината на земјиштето, при што: во првиот дел од 0 до 200 kW, каде што вкупната инсталирана моќност на сите електроцентрали од овој дел за кој се доставени понуди не може да биде повисока од 2 MW – потпишани се 7 договори за инсталиран капацитет од 800 kW; за вториот дел од 201 до 500 kW, при што вкупната инсталирана моќност на сите електроцентрали од овој дел за кој се доставени понуди не може да биде повисока од од 5 MW – потпишани се 6 договори за инсталиран капацитет од 2,4 МW; за третиот дел од 501 до 1.000 kW, при што вкупната инсталирана моќност на сите електроцентрали од овој дел за кој се доставени понуди не може да биде повисока од 10 MW – потпишани се 12 договори за инсталиран капацитет од 10,2 МW; и за четвртиот дел од 1.001 до 3.000 kW, при што вкупната инсталирана моќност на сите електроцентрали од овој дел за кој се доставени понуди не може да биде повисока од 10 MW – потпишани се 4 договори за инсталиран капацитет од 8,16 МW. Инвеститорите ќе имаат рок од 3 години да завршат со изградбата на фотонапонските електрани и по пуштањето во употреба, ќе се потпише договор за користење премиуми во траење од 15 години“, информира Бектеши.

- Advertisement -

На годишно ниво за сите договори и за државното земјиште и за приватното земјиште ќе се исплаќа приближно 420 илјади евра, во зависност од производството на електрична енергија, но со оглед на тоа што на тендерот за државно земјиште, каде што поради големиот интерес, наместо државата да исплаќа премии, добивме приближно три милиони евра од компаниите што ги потпишаа договорите. Тоа значи дека со парите од државното земјиште, ќе се покријат трошоците за 7 години за премиумите и на приватното земјиште и на државното земјиште.

„Исто така, сакам да информирам дека со оваа спроведена постапка за фотоволтаици на приватно земјиште и онаа претходно за изградба на 35 мегавати фотонапонски централи на државно земјиште во Свети Николе и Македонски Брод, која успешно ја спроведовме, во државава ќе се градат вкупно 56 мегавати електрична енергија од обновливи извори од овие два тендера. Дополнително, во ноември минатата година АД ЕСМ го потпиша договорот за изградба на 10 мегавати фотоволтаична централа во ТЕЦ ‘Осломеј’ со компанијата ‘Гиришим електрик’, а во февруари годинава беше објавен јавен повик за изградба на фотоволтаична централа од 100 мегавати на просторот на некогашниот рудник за јаглен ТЕЦ ‘Осломеј’, која ќе испорачува електрична енергија за 20.000 семејства“, истакна министерот.

Според него, со сите овие инвестиции, како и планираната фотоволтаична електрана во РЕК „Битола“, која се проектира на 20 МВ, ќе се постигнеме инсталираната моќност од 200 МВ, што Владата ја вети на почетокот. Колку за споредба, во сите претходни 11 години изградени се само 16 мегавати со финансиска поддршка од неколку милиони евра само на годишно ниво, кои ги плаќаат сите граѓани.

Сподели!
- Advertisement -