Нема докази дека корона вирусот ја сменил формата на пренесување или дека се променила тежината на болеста што ја предизвикува, велат експертите од Светската здравствена организација (СЗО).
„Нема промена во однос на преносот, нема промена во однос на јачината“, вели епидемиологот на СЗО, Марија ван Керхов.
„Најважно е да се спроведуваат мерките за намалување и сузбивање на преносот“, додава таа.
Оваа изјава од СЗО доаѓа откако некои водечки италијански лекари во неделата изјавија дека вирусот значително ослабнал и дека тој веќе клинички не постои во земјата, што предизвика полемики и негодувања кај експертите.
„Пред еден месец можевме да чуеме дека епидемиолозите се плашат од нов бран кон крајот на мај и почетокот на јуни и од којзнае колку зафатени легла во одделенијата за интензивна нега. Во реалноста вирусот, клинички кажано, повеќе не постои“, изјави Алберто Зангрило за италијанските медиуми, директор на одделот за интензивна нега на Универзитетската болница „Сан Рафаел“ во Милано.
(фото: Wikimedia)