Во текот на април и мај, во рамки на програмата #ОстаниДома, Europe House на Делегацијата на Европската Унија на својата Фејсбук страница организираше серија од видео предавања за млади претприемачи.
Видео предавањата, кои се одржуваа еднаш неделно под насловот “Како да го преживеете вашиот бизнис за време на #ОстаниДома“, понудија корисни совети и техники како младите компании да се справат со вонредните услови предизвикани од пандемијата, информативни гостувања на искусни професионалци од областа на маркетингот, и многу повеќе.
Циклусот предавања го водеше Ира Бабиќ, основач и директор на Brand Union маркетинг агенција, предавач на Универзитетот Американ Колеџ Скопје и една од најискусните домашни познавачи на дигиталниот маркетинг.
Таа воедно ќе биде и ментор на завршната онлајн работилница на тема „Искуствата на вашиот потрошувач на патот кон вашите производи“, која ќе се одржи на 16 јуни.
Работилницата, организирана за млади претприемачи и студенти по маркетинг, ќе има за цел да ги обучи учесниците како да ја одберат вистинската стратегија и комуникација со потенцијалните потрошувачи, како да се мотивираат оние кои покажале интерес за продуктот, но и како да се задржат лојалните потрошувачи.
Заинтересираните можат да го пријават учеството на следната електронска адреса: jana.petrovska@euhouse.mk , до петок, 12 јуни 2020.