Имателите на домашни платежни картички (платежни картички издадени од македонски банки), значајно го зголемиле бројот и вредноста на онлајн трансакциите во месец март 2020 кон е-продавници кои функционираат во земјава, објави Асоцијација за е-трговија на Македонија.
Бројот на онлајн трансакции реализирани од страна на физички лица во март годинава, во корист на виртуелни места на продажба во Македонија бележи пораст од 99% во однос на месец март претходната година. Конкретно, годинава реализирани се вкупно 367.535 трансакции, за разлика од претходната година кога биле реализирани 184.652 трансакции.
„Ако ја земеме предвид вредноста на онлајн трансакциите реализирани со домашни платежни картички кон онлајн продавници во земјава, исто така се соочуваме со огромен раст имајќи предвид дека во текот на месец март 2020 година се потрошиле 10,1 милиони евра од македонски купувачи кон македонски компании кои продаваат онлајн, за разлика од 5,2 милиони евра во текот на месец март 2019 година. Станува збор за раст од 94,2%“, велат од АЕТМ.
Согласно податоците за реализирани трансакции во текот првите три месеци од 2020 година, објавени на веб страната на НБРСМ бројот и вредноста на реализирани онлајн нарачки и купувања во текот на минатата година покажува дека е-трговијата во земјава е во пораст, објави Асоцијација за е-трговија на Македонија.
Во текот на првите три месеци од 2020 година реализирани се вкупно 1.954.957 онлајн трансакции во земјата и во странство, наспроти 1.599.274 онлајн трансакции во текот на првите три месеци од 2019 година што претставува пораст од 22,2%. Од аспект на вредноста, исто така се забележува пораст. Во текот на првите три месеци од 2020 година вредноста на трансакциите реализирани на виртуелните места на продажба во земјата и во странство, изнесува 49,6 милиони евра, што во споредба во првите три месеци од 2019 година кога се реализирале 41,8 милиони евра претставува пораст за 18,7%.
Од АЕТМ наведуваат дека Ковид-19 ги промени навиките на Македонците и дека има огромен раст на трансакциите реализирани онлајн кон домашни е-трговци. Во текот на првите три месеци од 2020 година Македонците со домашни картички кон македонски е-продавници потрошиле вкупно 28,9 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 17,9 милиони евра (61,5%) во однос на истиот период претходната година.
„Во оваа категорија, евидентно е дека Македонците во текот на првите три месеци од 2020 година стекнуваат се повеќе доверба кон е-трговијата и онлајн нарачките, а тоа може да се заклучи од растот на бројот и вредноста на трансакциите со домашни картички онлајн, особено кон домашни е-продавници. Голем дел од трансакциите кои во претходниот период се одлевале од државата онлајн, кон странски земји во текот на првите три месеци, а особено во месец март се пренасочени кон домашни е-продавници“, се наведува во соопштението.