Во моментов се подготвуваме да ја испорачаме првата од неколку електрични машини што ќе ја одржуваат хигиената во неколкуте кралски палати во Тајланд. Ова е и последната потврдена нарачка практично, а просечно во „БРАКО“ се произведуваат 150 – 200 возила годишно.
– Верувам дека секоја криза ги прави компаниите иновативни и перспективни – нашиот успех е задржување на секое работно место. Се разбира дека ефектите од пандемијата ќе се чувствуваат подолго време и ќе влијаат во сите сфери на живеењето и работењето. Единствен начин да се надмине кризата е да се адаптираме на новите околности, преку еден континуиран процес на инвестиции во човечки и машински ресурси да придонесеме за зголемување на продуктивноста и квалитетот, што на крај ќе резултираат со подобра конкурентност и подобар пласман на производите, вели Иле Атанасов, директор во „Брако“ за камиони за чистење улици и медицински помагала, пренесува Стопанската Комора на Македонија.
Кризата со пандемијата несомнено не го заобиколи ни „Брако“ чии производи доминантно 95 % се извезуваат. За жал, здравствената криза не е сконцентрирана на едно одредено место, а со оглед на тоа дека ние извезуваме во 30 земји моравме да градиме „Ковид-стратегија“ која од оваа перспектива во состојба на драстичен пад на побарувачката, прекин на синџирот на набавка на компоненти и суровини неопходни за процесот на производство и монтажа, а под перманентен притисок од нашите постојни клиенти за приспособување на роковите на плаќање, одлучивме да стартуваме со сериозна економска офанзива во инвестициски циклус, со единствена цел зачувување на работните места. И по мене, иако првично бевме во шок од состојбата, сепак од оваа перспектива одлуката на менаџментот, предводен од проф. д-р Анѓушев, се покажа како храбра стратегија да се продолжи со производство за залиха. Контрацикличната стратегија, кога сите се затвораат сами во себе да продолжиме со производство за залиха, денеска не` направи подготвени да одговориме на побарувањата. Во моментов се подготвуваме да ја испорачаме првата од неколку електрични машини што ќе ја одржуваат хигиената во неколкуте кралски палати во Тајланд. Ова е и последната потврдена нарачка практично, а просечно во „БРАКО“ се произведуваат 150 – 200 возила годишно. Секако, треба да се биде во состојба да се издржат финансиски пролонгираните рокови за плаќање. А тоа, верувајте, воопшто не е лесно, бидејќи во услови на намалени приходи за да имате готови производи треба да се инвестираат дополнителни финансиски средства за набавки на компоненти и суровини, за исплата на плата на вработените.
Сепак, може да се заклучи дека периодот од 2-3 месеци што се веќе зад нас, но и претстојниот период, беа и ќе бидат исклучително тешки за индустријата се` додека не се преброди прво здравствената криза, а потоа и економската криза.
„Брако“ е исправен и пред предизвикот кој го имаше поставено за оваа година, а тоа е производство на првата во светот 100% еколошка машина за чистење улици и јавни површини на хидроген. Енергијата ќе ја генерира горивна ќелија, а како гориво ќе користи водород што според нас е гориво на иднината кое не загадува воопшто. Нашиот нов систем е целосно прифатлив за животната средина, водородот го има во изобилие, полнењето е брзо како и на регуларните бензински станици, а како нус-производ на работењето на машината се ослободува само вода. Овој проект го работиме во соработка со холандска фирма која е специјализирана за имплементација на горивни ќелии во различни типови возила. Возилото е веќе спремно, а промоцијата што требаше да се случи на Саемот „ИФАТ“ во Минхен, кој е најпознат во светски рамки за овој тип на машини, се откажа заради околностите со пандемијата на вирусот Ковид-19.