Изградбата на регионалниот туристичко-научен музеј за ретки минерали во Пробиштип е во завршна фаза

- Advertisement -

Изградбата на регионален туристичко-научен музеј за ретки минерали во Пробиштип е во завршна фаза, велат министерот за локална самоуправа Горан Милевски и градоначалникот на Пробиштип, Драган Анастасов. Вкупниот буџет на проектот изнесува 9,2 милиони денари, Министерството преку Бирото издвоило 5,6 милиони денари, додека од Општина Пробиштип кофинасирале со 3,5 милиони денари.

„Нашата земја е богата со руди и минерали, така што токму овој музеј ќе биде спој на природно богатство и традиција. Музејот во Пробиштип во вистинско време се отвора бидејќи на ниво на општини Пробиштип и Кратово е покрената иницијатива за номинирање на Геопарк во УНЕСКО. Министерството преку Програмата за регионален развој има овозможено средства во висина од 5,6 милиони денари. Проектите кои се реализираат преку Министерство за локална самоуправа за сите нас се од особено значење затоа што имаат трајна вредност и се дел од мозаикот за развојот на нашето општество“, вели Горан Милевски, министер за локална самоуправа. 

- Advertisement -

Во музејот ќе бидат изложени минерали од подрачјето на Осоговските планини, но и од останатите делови на Македонија. Осоговските планини се богати со разни видови на метални руди и немeтални минерали, како резултат на што овде егзистираат поголем број на рудници за олово и цинк  како “Злетово” од Пробиштип, “Саса”од Македонска Каменица, “Тораница” од Крива Паланка каде има зеолит и каолин. Ова е единствен ваков музеј во Македонија, со површина од околу 110 м2, а обликот е во форма на кристал од минерал.

„Се надевам дека до почетокот на идниот месец комплетно ќе се заврши, во сите фази овој преубав објект кој е белег на нашата општина по која што е познат Пробиштип. Музејот на ретки минерали, единствен во нашата држава, ќе содржи над 250 експонати, не само од рудниците Злетово, но и од останатите рудници во државава. За нас тоа ќе значи развој на туризмот на општината, бидејќи ќе бидеме единствени во државата, исто така ќе претставува мотив за идните генерации да се продолжи една традиција по што е познат Пробиштип, тоа е рударството, со оглед на струките кои што ги имаме и во нашето средно училиште и на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, така што овој проект е од големо значење за наш развој и афирмација на градот“ додаде градоначалникот на општина Пробиштип, Драган Анастасов.

- Advertisement -

Музејот се очекува да го посетуваат странски експерти и туристи, како и студенти од факултетот за рударство и геологија во Штип, Факултет за природни и технички науки, учениците од средните училишта во Пробиштип, Македонска Каменица и Битола.

Сподели!
- Advertisement -