Обврската за носење маска на јавни места е задолжителна речиси насекаде во светот. Но, што би направиле доколку итно треба да купите производи, но немате заштитна маска со вас?
Супермаркетот “Нето Маркен“ е првиот и досега единствениот ланец за намирници кој постави “маскомат“ пред своите продавници во Минхен, па купувачите кои ги заборавиле дома своите маски за лице, можат брзо и безбедно да ги купат веднаш пред продавницата. Цената на маската е 1 евро.
„Маскомат“ од берлинскиот производител на вендинг машини, Флавура, овозможува хигиенско издавање на индивидуални маски за заштита на уста и нос за еднократна употреба. На купувачите кои ги заборавиле своите маски треба да им се даде можност за брзо и лесно купување заштитна маска на лице место пред да влезат во продавница.
“Со Маскомат би сакале дополнително да ја прошириме нашата поддршка за почитување на обврската за носење маска. Како трговец на храна, безбедноста на нашите вработени и на нашите клиенти е многу важна за нас. Оваа иновативна услуга е особено насочена кон клиенти кои сакаат да купуваат спонтано, а немаат заштита на устата и носот“, објаснува Кристина Стилиану, раководител за корпоративна комуникација во Нето Маркен. Доколку биде успешно, „Маскомат“ ќе биде инсталиран и во други градови.