Минималната плата во Германија ќе се покачи за околу 12% до 2022 година. И покрај пандемијата на КОВИД-19, минималната плата не смее да заостанува, велат од германската влада.
Покачувањето на минималната плата ќе се одвива во неколку фази и до средината на 2022 година ќе се искачи на 10,45 евра на час. Дискусиите за покачувањето на минималната плата во Германија беа делумно контроверзни затоа што членови на официјалната комисија во земјата која ја носи таквата одлука не можеа да се договорат за точната сума, изјави претседателот на комисијата, Јан Зилиус.
Сепак, после пролонгирањето на разговорите претставниците и на работодавците и на работничките синдикати едногласно се согласија да се зголеми минималната плата од сегашните 9,35 евра на час на 10,45 евра до јули 2022 година. Минималната плата постепено ќе расте во четири фази, а првото покачување се очекува во јануари 2021 година.
Германскиот министер за труд, Хубертус Хеил, изјави дека владата ќе ги имплементира препораките. Додека германската економија се бори со ударот на кризата предизвикна од пандемијата на корона вирусот, многу работодавци предупредија дека преголемото покачување на минималната плата ќе им го отежни најмувањето на луѓе во текот на периодот на закрепнување.
Економскиот совет на канцеларката Ангела Меркел на конзервативната партија ја опиша оваа одлука како пресвртница за бизнисите. Претставниците на работничките синдикати, пак, велат дека ова покачување на минималната плата ќе го поттикне трошењето кај групите со најниски примања. Министерот за труд, Хеил, додаде дека оваа есен ќе следуваат реформи на платите во Германија.
Германија ги воведе регулативите за минималната плата во 2015 година. Хеил изјави дека државата мора да се труди да ја доведе минималната плата до најмалку 12 евра на час.
(Deutsche Welle)
(фото: Pixabay)