16 C
Skopje
петок, август 14, 2020

Македонското колорадо, неоткриено богатство во подножјето на Плачковица

UAKS desktop

Најубаво време за посета на кањонот е пролет-лето кога поради изобилството на вода, зелената боја на вегетацијата и контрастот од колоритните бои на сивкасто-зелените карпи создаваат неповторливи пејсажи

Пишува – Верица Јорданова

Кањоните секогаш и секаде се предмет на воодушевување. Изреката дека природата е најдобриот уметник се потврдува повторно и повторно преку убавината на кањоните. Тесните, длабоки долини издлабени од реките во текот на долги години предизвикуваат восхит ширум светот. Еден од најпознатите кањони во светот е Големиот Кањон (Grand Canyon) издлабен од реката Колорадо во САД во државата Аризона, додека кањонот Вердон во Јужна Франција се смета за најубавиот кањон во Европа. Кањонот настанал околу реката Вердон која извира во Алпите, а е карактеристична по својата необична тиркизна боја и е една од најпосетуваните туристички атракции во Франција.

И Македонија има убави кањони. Најпознат е оној на Матка, но кањонот кој што јас го посетив минатиот викенд е уникатен по многу нешта. Најважно од се, тој е недопрен, неискомерцијализиран, непознат и затоа неговото запознавање е како пронаоѓање на неоткриено богатство. Се наоѓа на само десетина километри од Штип, местото каде што го поминав голем дел од својот живот без да знам дека природата овде криела преубав природен дијамант.  

Откако наидов на фотографии на социјалните мрежи за оваа локација, јас и моето семејство решивме да го посетиме. Планираната лесна екскурзија се претвори во вистинска авантура. Почнувајќи од недоволните информации како да се стигне до локацијата, до недоволната опременост за ваква прошетка. Како и да е, првиот совет до сите кои сакаат да ја посетат оваа природна атракција добро да се опремат со информации за локацијата, подлабоки обувки и доволно течности.

Каде е лоциран кањонот Kамник?

Кањонот Камник се наоѓа на северо-западниот дел на планината Плачковица. Природниот тек на планинската Кошевска река која се влева во Раданска река го издлабила малото речно корито во планинските карпи создавајќи го овој спектакуларен кањон. Над него се наоѓа врвот Камник на 876 m НВ со одличен видик и убаво место за фотографирање.

Ознаки за да се стигне до ова прекрасно место нема, а колку малку е познато сведочи и фактот што таму не знаеја да не упатат ни локалните мештани од блиското село Радање.  

Точната локација е na северозападното подножје на Плачковица, 9 km западно од Штип и 5 km југоисточно од селото Радање во општината Карбинци. До него се доаѓа преку село Радање до кое има асфалтен пат. Потоа, по земјен пат (препорачливо е со теренско возило) се патува низ долината на Радањска Река во правец на селото Голем Габер.

Како што пишува д-р Ивица Милевски на igeoportal: Камник е еден од најрепрезентативните мали, релативно плитки кањончиња, создаден во долината на Радањска Река, поточно нејзината притока Кошевска Река. Самата долина на Радањска Река е многу специфична поради огромното количество наносен материјал, бројните плавини, камења и блокови натрупани кон долинското дно. Под селото Голем Габер се доаѓа до вливот на Кошевска Река (населението уште ја нарекува Шаплак) во Радањска, а Камник започнува на околу 300 m спротиводно од вливот.

Кањончето е со должина од околу 1,5 km и длабочина од само неколку десетици метри. Всечено е долж типична раседна линија помеѓу доста распаднати, еродирани гнајсеви и цврсти амфиболити. Без оглед на малите димензии, минувањето низ него, посебно преку тесните и вертикални карпи, претставува вистинско адреналинско доживување. Рекичката овде создала неколку помали, но атрактивни водопади високи до 5 m, со џиновски лонци во вид на базени. Без оглед што најчесто изгледа како мало поточе, водостојот може да биде доста променлив, а за време и после врнежи, слабиот поток станува силен и бучен пороен водотек.

Веќе во јуни, кога ние бевме во кањонот, имаше многу малку вода па првичната идеја авантурата да биде надополнета со освежување на водопадите, за жал не се реализираше.

Локација која треба да се истражува

Според д-м Милевски низ кањонот Камник, според сложеноста има две патеки: потешка, покрај водотекот и полесна на 30-40 m над дното. Доколку се оди по дното, на неколку места треба да се помине рекичката, што во сув период не е никаков проблем. Најубаво доживување е преку кањончето да се искачи врвот Камник (876 m) од кој се протега одличен видик, особено кон север и запад. Назад може да се вратиме повторно по кањончето (по другата патека) или преку ридот Камник директно кон Радањска Река, а преку неа до с.Радање. Вкупно растојание во двата правци е околу 12-15 km или 5-6 часа пешачење со умерено темпо. Добро е барем 2-3 претходни дена да е суво (без врнежи), зашто на карпите има лизгави делови кои може да бидат ризични за поминување. Исто така, убава пешачка тура е низ Камник да се дојде до с. Кошево, а потоа може да се излезе до интересното Тополничко Езеро (над рудникот Бучим), или пак од с. Шашаварлија да се дојде до Штип.

Неисцрпа убавина

Македонските планини се вистинско богатство. Летниот период е идеален да поминеме што повеќе време во природа, а децата да се запознаат со некои животински и растителни видови со кои вообичаено немаат контакт.

Посетата на Камник за моите деца значеше и запознавање со вилино коњче, преубав инсект кој живее само покрај реки, а и самото движење по речиси недопрени патеки беше уникатно доживување.

Иако секое годишно време е убаво за посета, сепак поради богатството со вода, колоритот, зелената боја на вегетацијата во контраст со сивкасто-црвеникавите карпи, најинтересно доживување е во пролетните месеци.

Посетата на кањонот Камник за нас беше мала авантура за која сведочат фотографиите, но за општината Карбинци во која припаѓа кањонот и за соседната општина Штип дефинитивно треба да претставува мотивација за развој на туризам околу кој што ќе можат да се развиваат и повеќе локални бизниси.

Иако имало некои обиди и активности за означување на локациите, останува потребата патеките да бидат подобро означени, но и да се постават соодветни инфо-табли кај селата Радање, Голем Габер и на врвот Камник, кои ќе помогнат во подобрата информираност на посетителите.

Македонија дефинитивно е преубава, преполна со скриени богатства како кањонот Камник кои кога ќе се откријат треба да се претворат во туристички локалитети со кои ќе се гордееме!

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •