Глобалната економија моментално се справува со една најтешките финансиски кризи досега како резултат на пандемијата на коронавирус, а пак владите во државите низ целиот свет преземаат мерки за справување со здравствените и финансиските последици. Од друга страна, напорите за ставање крај на корона-кризата и заздравувањето на домашните економии практично насекаде низ светот се помогнати и од голем број одговорни компании и граѓани кои ја покажуваат својата солидарност и остваруваат личен придонес за полесно и побрзо справувањето со пандемијата.
Македонија не е исклучок. Владата на Република Северна Македонија веќе донесе три сетови мерки за развој на македонската економија и за директна поддршка на граѓаните, а исто така, со почетокот на пандемијата беа отворени и две донаторски сметки, една на Министерството за здравство и Солидарен фонд при Генералниот секретаријат на Владата, со што и на нашите граѓани кои имаат желба им се дава можност да остварат одредени донации.
Отворањето донаторски сметки е практика во сите земји погодени од корона-кризата, а конкретно во нашата земја, досега над 1200 граѓани и над 130 компании веќе ја покажале својата солидарност и општествена одговорност и со своите придонеси оствариле донации во вкупна вредност од околу 215 милиони денари.
Дополнително, преку веб-платформата Solidarnost.gov.mk која е изработена во соработка со Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), процесот на донирање е поедноставен и оние кои се во можност, преку електронски пат можат да донираат средства во некој од овие два фонда. Веб-платформата ги обедини на едно место двете донаторски сметки и го олесни процесот на донирање, овозможувајќи им на хуманите граѓани своите донации да ги уплатуваат со електронска платежна картичка, без банкарски трансакции, при што дополнително добиваат и даночно ослободување.
Каде одат донираните средства?
Од вкупните донации собрани преку донаторската сметка на Министерството за здравство, досега искористени се средства за набавка на монтажни контејнери за потребите на модуларната болница до Клиниката за инфективни болести. Исто така, завршена е и постапката за набавка на медицинска опрема за потребите на здравствените институции, која се состои од медицински мебел: прегледни столови, држачи за инфузија, маси за исхрана, работни маси, паравани, транспортни кревети, колички со полици, опрема за докторски соби, гардеробери и сл. Дополнително, предвидено е Министерството за здравство да набави и друга опрема за потребите на одделенијата за интензивна нега во јавните здравствени установи во земјата, како што се аспиратори на вакуум, монитори за инвазивен и неинвазивен притисок,пулсоксиметри, инфузиони пумпи, Рендген апарати, РТГ мобилни апарати, ЕХО апарати, ларингоскопски уреди и друга медицинска опрема, како ранци за итна медицинска помош и сл., но и целосно да се опреми Интернистичкиот пулмолошки центар за потребите на јавната здравствена установа за пулмологија.
Донираните средства во Солидарниот фонд, од друга страна, претставуваат помош од човек на човек и се наменети за оние на кои помошта во овие моменти им е неопходна. Овие донирани средства се користат за уметниците, филмските работници и другите самостојни културни работници и нивните семејства за помош во справување со кризата, како и за помош и поддршка на бизнисите кои се погодени од корона кризата.
Трошењето на средствата од донаторските сметки на Министерството за здравство и на Солидарниот фонд е целосно транспарентно и на увид на јавноста на веб-страницата koronavirus.gov.mk. Користењето на средствата од овие донаторски сметки исто така може да се следи и преку веб-страницата „Отворени финансии“, која јавно ги покажува податоците за реализација на трансакциите на сите буџетски корисници на Буџетот на Република Северна Македонија со коишто располага Трезорот.
Како да донираш?
Сите кои се во можност, домашни и странски физички и правни лица, кои сакаат да помогнат на здравството, граѓаните и стопанството, може да донираат финансиски средства со платежна картичка на solidarnost.gov.mk, и на тој начин да се запишат во листата на донатори кои ја дале својата поддршка во оваа битка.
Сите донации кои ќе се уплаќаат преку оваа донаторска платформа се ослободени од банкарски трошоци благодарение на донацијата и соработката со Уни Банка.