Јован Јованов: Во технологијата е силата на “Горска“!

- Advertisement -

Интервју со Јован Јованов, директор на Кодинг Горска, компанија која веќе 15 години е лидер на пазарот на вода во земјава. Јованов е дипломиран технолог на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје кој цела деценија го води технолошкиот и иновативен развој на оваа компанија. Во рамки на серијалот „Од ТМФ до успешна кариера“ Јованов раскажува за неговите лични предизвици во кариерата, за љубовта кон технологијата и нејзината важност во македонската економија.

Разговараше – Верица Јорданова

-Горска вода е бренд, еден од лидерите на пазарот на вода во земјава. Може ли сублимирано да ни кажете која е „тајната“ на успехот на овој бренд?

- Advertisement -

Фактот што сме успешна компанија веќе 15 години се темели на фактот дека се грижиме за потребите на нашите потрошувачи и секогаш сме први во некој нов производ или тренд во сегментот на вода. Кога почнавме да произведуваме негазирана вода односот на пазарот беше 90 % спрема 10 % во корист на газираната вода и многу малку веруваа дека трендот на негазирана вода ќе расте. Ние бевме упорни и работевме да го пробиеме тој тренд на пазарот. Македонскиот е мал пазар и мора да се разликуваш од другите и да бидеш иновативен. Ние први почнавме да произведуваме пакувања од шест литри, семејни пакувања, да полниме галони за истекувачи на вода и го опфативме сегментот на деловни објекти. Тоа беше добар потег кој почнаа да го прифаќаат и да го следат и другите производители на вода. За жал, многумина пробивот на пазарот го почнуваат со пониски цени, но така се сече гранката на која седиме сите и не се остава простор за развој. Значи не се парите само за капачето, шишето и етикетата. Има и други трошоци за развој, за маркетинг …

Исто така ние сме општествено одговорна компанија, која помагаше на кошаркарска федерација, на РК Вардар и КК МЗТ, специјална олимпијада … Сето тоа се позитивни примери дека сите треба да се вклучиме во општеството и да помагаме.

- Advertisement -

-Горска веќе 15 години успева да се одржи на врвот. Постојано потенцирате дека КОДИНГ секогаш ги следи светските трендови и нови технологии. Кои се технологии се применуваат во Вашето производство и како всушност ги следите светските трендови за производство и пакување на природна изворска вода?

Наша голема предност е следењето на нови технологии и новини на пазарот за производство на вода. Кога почнавме со производство на пакувана изворска вода користевме мембрански филтри, кои потоа беа заменети со најнова технологија за cros flow филтрација на водата. Таа технологија обезбедува намалување на трошоците, а уште поголем квалитет на вода. Се намалува и потрошувачката на струја и репроматеријали, што автоматски ја зголемува конкурентноста на пазарот. Во овој сегмент секогаш сме чекор пред другите.

- Advertisement -

Тоа го постигнуваме со редовна посета на саеми и следење на најновите трендови во технологијата за производство на изворска вода. Секако, овде се и најновите трендови во имплементација на нова амбалажа и фолии, од кои во голема мерка зависи и потрошувачката на енергија и загадувањето на животната средина. Треба да се знае дека за да ја смениме амбалажата ние правиме сет на промени и вложувања во самата производна линија. Навидум шишето е исто, но не е исто затоа што новото значи помало загадување на животната средина и поголема заштеда на енергија. Работиме и со стаклена неповратна амбалажа, која се употребува само еднаш и гарантира безбеден и високо квалитетен производ.

Филтрација на вода

Во овие 15 години кој момент од технолошко унапредување бил најважен за вас?

Ние бевме први кои применија ultra clean технологија, уште во 2004 година. Целата технологија беше купена од Италија, процесот е затворен и со многу мал ризик. Производната линијата за полнење вода и сокови е флексибилна и може да полни производи во стаклена и ПЕТ абалажа. Тогаш имавме соработка со Rauch, светски познат бренд кои веруваше во нашиот квалитет и дозволи да произведуваме за нив. Се докажавме со квалитет и знаење и со исполнување стандарди.

Со тек на време воведовме посовршени етикети, сменета е дувалката, работиме на зголемување на енергетска ефикасност со инсталирање на соларни системи за електрична енергија кои ќе ги задоволуваат потребите на целата фабрика.

Со еден збор, целта ни е со вложувања, да направиме заштеди, а да се задржи квалитетот. Ги имаме имплементирано и сите системи за квалитет на производство и за еколошки стандарди.

Производна линија

-Господине Јованов, Вие сте дипломиран инженер-технолог на Технолошко-Металуршкиот факултет во Скопје. Колку знаењето стекнато на оваа образовна институција ви помогна и ви помага во вашата професионална кариера?

Да, моето образование е техничко, што е многу корисно за еден менаџер појасно да добие визија за развој. Некој е роден менаџер, но точно е дека менаџерите се создаваат. Секој инженер мора да биде инвентивен, креативен, идејата да ја стави на хартија, да ја исцрта и да ја проектира, да ја разбира третата димензија, да ги знае светските трендови и да знае како да ги примени во пракса. Според мене најважно од се е да се учи за да се научи, а не само за да се положи. Предноста кога студирате технички факултет е што кога ќе се соочите со некој проблем, ќе знаете каде да го побарате решението без разлика пред колку време сте дипломирале.

Технолозите имаат шанса да бидат креативни и инвентивни. До технологијата може лесно да дојдете, но организацијата, начинот на искористување на ресурсите и капацитетите е она што го разликува инженерот од другите.

Што го прави инженерот добар менаџер?

Обично инженерите се добри менаџери, го знаат процесот, техничката страна на работата, може да ги предвиди трошоците и ризиците и добро да ги менаџираат ресурсите. За да стане и добар менаџер, на инженерот му треба надградба во сегментот на финансиски и менаџерски знаења и вештини и никогаш не треба да се престане со учење.

Иновација е секој производ со додадена вредност, такви се нашите функционални води, вода за убавина, за имунитет, за релаксирање, за физички напор, направени со нова амбалажа и етикета, тоа се големи вложувања, тоа се мали иновативности со нова додадена вредност

– Вашата компанија има континуирана соработка со Технолошко-металуршки факулет. Може ли да ни кажете нешто повеќе за таа соработка?

Ние како компанија го поддржуваме Факултетот и младите студенти. Секогаш потенцираме дека Технолошко-металуршки факултет ги опфаќа сите гранки од технологијата. Технологијата ги движи процесите во секое производство. Студентите од факултетот секоја година доаѓаат на посета при што им се објаснува технологијата, имаат шанса она што го учеле во теорија да видат како изгледа во пракса. Да видат, како изгледа филтер, топлински изменувач, дувалка, компресор, полнач …

Неоспорен е впечатокот дека новите генерации повеќе сакаат компјутери, но на терен наскоро ќе се соочиме со недостаток на инженери. Овде во „Горска“ имаме седум инженери: машински, електро, хемиски, биохемиски и технолози. Тимот е флексибилен и секој ја покрива својата работа.

Моја препорака е младите да се запишат на Технолошко-металуршки факултет затоа што постојано недостасуваат кадри и постојано има огласи за вработување на инженери – технолози. Мислам дека е мал бројот на дипломираните студенти од Технолошко металуршкиот факултет кои не се вработени и таа информација треба сериозно да се земе предвид. Технологиите во светот постојано се развиваат и Факултетот нуди големи можности за едукација во многу сфери на технологијата.

Младите мора да учат, да имаат јасна идеја и визија пред себе, а работа ќе најдат бидејќи во земјава навистина фали инженерски кадар. Ако планирате да бидете менаџер на производно ориентирана компанија тогаш познавањето на технологијата е плус, можеби и предуслов за менаџерство.

Сподели!
- Advertisement -