Низ годините моторциклите многу се имаат сменето. Издржливите, функционални машини кои ги гледаме денес по улиците се радикално поинакви од првиот моторцикл кој бил произведен во 1885 година. Сепак, технологијата се фокусира на сите делови од моторциклите, освен на кацигата. CrossHelmet сака да го смени тој статус кво кај кацигите така што ќе го трасира патот за идната генерација кациги. Со новата технологија како контрола на звукот и видик од 360 степени CrossHelmet докажува дека може многу да се направи за да се надгради кацигата за моторцикли.
CrossHelmet изгледа привлечно, но освен пријатната естетика, ништо друго нема да ви асоцира дека е различна од конвенционалните кациги. Можеби најбитна карактеристика на кацигата е можноста да се гледа и назад зад вас. Камерата на задниот дел испраќа видео во живо во леќата на визирот. Така возачите на моторциклите можат да гледаат зад нив без да ги тргнат очите од патот пред нив.
Освен можноста да гледаат 360 степени, паметната кацига исто така покажува GPS информации, може да се конектира на Bluetooth и има и музички плеер. Како и што се очекува од еден паметен уред, може да се контролираат тие опции со апликација. Ако сте загрижени како ќе уживате во слушањето музика додека возите, звучниците и вградениот систем за контрола на бучавата ќе ви помогнат во тоа.
CrossHelmet преку апликација исто така обезбедува витални информации како известувања за временски услови, попатни точки, растојание од дестинација до дестинација и предвидено време итн. Ако уживате во патување во групи, CrossHelmet е идеален за во група. Има опција за групни разговори која ја олеснува комуникацијата. Возачите може да ја споделуваат својата локација, како и фотографии и видеа. До тие споделени информации потоа ќе имаат неограничен пристап додека се дел од групата.
Мобилната апликација работи на Android и на iOS платформи. Можете да пристапите до сите функции на кацигата преку панелот на допир. Кога е целосно наполнета, батеријата трае 4-6 часа. Кацигата секако може да ја врши својата основна функција – заштита на главата на возачот – и кога е потрошена батеријата. CrossHelmet чини 1.799 долари.
(Startup Selfie)
(фото: CrossHelmet)