Грчката авиокомпанија Aеgean Airlines ги прекина летовите за Македонија, Хрватска и Црна Гора, без навестување дека ќе продолжат идната година, со оглед дека е прекината продажбата на билети за трите земји.
Одлуката на Ејџиан Ерлајнс, како што пишува „Екс-ју авиешн“, се однесува на летовите од Атина за Загреб, Дубровник, Скопје и Подгорица, а авиокомпанијата во моментов нуди алтернатива само за Загреб преку нејзиниот партнер „Ер Србија“ преку Белград. На почетокот на пандемијата на коронавирусот во март Ејџиан објави дека ги прекинува и летовите за Сараево, само една година откако беа почнати.
Ејџиан леташе кон Хрватска од 2015 година, кон Црна Гора од 2017 и кон Македонија од 2018 година. Летовите на линијата Атина-Скопје и обратно, по пауза од над десет години, беа обновени на 1 ноември 2018 година.
Според најавите од авиокомпанијата, летовите за Белград кои беше планирано да продолжат во јуни, веројатно ќе продолжат во септември, но нема планови за продолжување на летовите од Македонија и од Црна Гора за Грција.