Игор Маџов: Стартап Македонија четири години активно го поттикнува растот на домашната стартап иновациска сцена која интензивно расте!

- Advertisement -

Стартап Македонија одбележува четири години од функционирањето на домашниот пазар. Тоа е првата организација во земјава која ги обедини сите чинители во екосистемот, стартапите, основачите, претприемачите и инвеститорите, со цел да се создаде опкружување во кое иновациите ќе бидат претворени во успешни бизниси. Преку Стартап Македонија во изминатиот период поддршка и знаење добија стотици новосоздадени компании, а огромен број стартапи се промовираа надвор од нашите граници.

За сите достигнувања, но и за идните планови како ќе се развива Стартап Македонија, а со неа и екосистемот, разговараме со Игор Маџов, инвестициски фацисилитатор за Западен Балкан и програмски директор Startup Macedonia.

- Advertisement -

Г-дин Маџов, деновиве се одбележуваат четири години од постоењето на Стартап Македонија. Кои се клучните постигнувања во овој период?

Четири години од основањето одбележуваме на 8 август, кога и официјално стартуваше Стартап Македонија како организација. Сепак, приказната започна многу порано и во неа учествуваа многу чинители, кои се вклучија и дадоа насоки како да креираме поорганизиран стартап еко систем. Со поддршка на многу од постоечките организации и индивидуи, успеавме за овие четири години да ја позиционираме Македонија како една од поистакнатите стартап држави во регионот. Преку опсежното истражување кое го направивме со помош на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем во 2018 година, произлегоа многу насоки како да се движи екосистемот во земјата, и се креираше првата стартап платформа која е веќе функционална и која брои повеќе од 100 стартапи и 35 организации. Во овој период забележавме раст на акцелераторските и инкубаторските програми кои ги поддржувавме, кои и тоа како помогнаа за развој на стартапите кои пред четири години беа во иницијална фаза. Тие сега веќе се ментори на новите генерации и тоа е големо достигнување. Исто така, заедно до Фондот за иновации и технолошки развој минатата година го отворивме центарот МК стартап спејс во центарот на Скопје. Тука се одржаа повеќе од 150 настани и иницијативи, кои ја собираа целата заедница на едно место со што се создаваше се поголем интерес на традиционалниот сектор и корпорациите за соработка со стартапите, што, пак, рефлектираше со поголеми инвестиции. Ова не е директно производ на Стартап Македонија, но тука е обзнанувањето на голем број компании, кои почнуваа да растат, а сега се во можност да подигнат милионски вложувања.

- Advertisement -

Сето ова покажува колку Стартап Македонија е значаен чинител во создавањето на стартап сцената во земјата. Може ли да направиме споредба каков беше екосистемот тогаш и сега?

Најголемите достигнувања, не само на Стартап Македонија, туку и на сите во екосистемот е што се креираше заедничка синергија и вмрежување и се создаде заедница од програми и иницијативи, организации, основачи, индивидуи, кои заедно функционираат и си помагаат во подвизите. Тоа беше присутно и пред четири години, но сега е во значително подобра форма. Нема преклопување на голем број програми, а најголемиот успех е драстичното зголемување на бројот на компании кои успешно делуваат во полето на иновации и технологија. Ако некогаш беше тешко да наброиме кои се десетте најуспешни компании, сега ни е тешко да ги издвоиме најуспешните десет во Македонија.

- Advertisement -

Актуелната состојба со пандемијата на Ковид 19 остава големи последици на светската економија. Како влијаеше на стартапите во земјава?

Стартап Македонија согледува можност, која ја отвори кризата со пандемијата на Ковид 19, која ги погоди и стартапите и целиот традиционален сектор. Оние кои најбрзо се приспособија на новата ситуација се компаниите кои организираа онлајн работење, на кои дигиталните алатки не им се туѓи и кои најдоа начин да го изменат досегашниот начин на функционирање и да испливаат многу побрзо од кризата. Ние ќе продолжиме да работиме на поддршка на дигитализација и едукација на компаниите за да можеме како држава што побезболно влеземе во следната фаза. Бидејќи, мислам дека никогаш нема да се вратиме во старата „нормала“, туку ќе бидеме во можност да креираме нова етапа на македонската економија, во која многу позастапени ќе бидат стартап компаниите, дигиталните решенија и онлајн работењето.

Какви се идните планови на Стартап Македонија и клучните предизвици кои ги очекувате во следниот период?

Предизвиците се големи и секогаш, како што напредуваме, апетитите сè се поголеми. Сакаме, заедно со сите партнери, да понудиме соодветна и финансиска и техничка поддршка во сите фази на развој на еден стартап за да можат компаниите и основачите да растат соодветно на своите визии и да ги остварат своите интереси. Целта ни е да се развијат глобални бизниси, а не само локални приказни, кои не се конкурентни на светскиот пазар. Нешто што многу нè радува е што, преку соработката со УСАИД, Швајцарската програма за развој и програмите како Finance in motion и други, овозможивме креирање на различни програми кои ќе ги промовираме во периодот што следи. Нешто што веќе функционира е стартап платформата на која компаниите можат да се регистрираат и на едно место да ги пронајдат сите информации кои се достапни за нивниот развој во фазата во која се во моментот и полесно да го постигнат тоа што го сакаат. По повод одбележувањето на роденденот на Стартап Македонија, со задоволство ќе ја најавиме менторската платформа и мрежата на интернационални ментори. Се работи за претприемачи и искусни експерти кои сакаат да помогнат во развојот на македонските стартапи. Ќе ја промовираме на 12 август заедно со еден од најистакнатите личности во светот на стартапите и маркетингот Guy Kawasaki и со основачот на Кикстартер. Тоа ќе биде отворен настан и целата јавност ќе може да ни се придружи, а ќе ставиме акцент на менторството како најзначаен аспект во делот на раст на компании кои имаат глобални аспирации.

Со кои други настани планирате да ја одбележите годишнината на Стартап Македонија?

Освен настанот од јавен карактер кој го споменав, имаме и повеќе настани кои се насочени кон членовите на Стартап Македонија, а сите организации ќе имаат настани во рамките на founders club-от. Имаме програма за следната година, насочена за раст на бизнисот и зголемување на продажбата на продукти. Друга целна група ни се и инвеститорите, сакаме да работиме на подобрување на климата за инвестирање во Македонија со акцент на бизнис ангелите. Веќе е усвоен предлог за измена на законот за ангел-инвестиции кој ќе направи големо подобрување на инвестициската клима. Со нашите партнери ќе креираме и програми за поедуцирани инвеститори кои ќе ги насочат своите средства и ресурси кон стартап компаниите. Акцент ќе ставиме и на промоција на стартапите со кои работиме и нивните понуди кои ќе сакаат да се промовираат кон бизнис заедницата. Исто така, најавивме и соработка со интернационални партнери од светски калибар како Oracle Corporation, Telecom и други. Сакаме да работиме на подобрување на комуникацијата со компаниите на полето на корпоративните иновации и присуството на стартап компаниите во креирањето на дигитални решенија за подобрување на дигитализацијата во Македонија.

Од Стартап Македонија потекна и иницијативата за измена на член 29 од Законот за трговски друштва. На што точно се однесува?

Иницијативата е насочена кон подобрување на климата за инвестирање на ангел-инвеститорите. Измената во законот за овој конкретен член и некои други предлози кои ги дадовме, треба да овозможат инвеститорите да вложуваат како малцински учесник во многу повеќе компании и да не бидат ограничени во инвестирањето. Иницијативата почна минатата година, но заради пандемијата се пролонгираше, а сега планираме да продолжиме да работиме во работната група под водството на Министерството за економија. Истражувањето е веќе готово, го изготви Стартап Македонија, а во него се содржани сите придобивки од усвојувањето на иницијативата. Навистина би сакале државата да биде поддршка на оваа целна група и да помогне во популаризација на иновациите и компаниите коишто креираат компетитивни продукти кои ќе бидат понудени на светскиот пазар.

Сподели!
- Advertisement -