Во бродоградилиштето Shipyard Begej во Зрењанин се гради најголемиот речен танкер во светот, долг 135 метри. Директорот на бродоградилиштето, Марко Гудовиќ изјави дека бродот е тежок 855 тони, на проектот се вработени 160 работници, а нарачател е нафтената компанија Shell преку брокер од Белгија.
„Бродот го правиме во два дела, а во второто наше бродоградилиште во Перлез, на средината на септември ќе го составиме и ќе запловиме. Сите 160 работници на бродоградилиштето се од Србија и во план е тој број да го зголемиме на 250. Почнавме со реализацијата на проекти за два шлепа за сув товар долги 90 метри, а за следната година имаме потврдени четири проекти“ додаде Гудовиќ.
Rubikon Shipping Company од Белград стана сопственик на бродоградилиштето Бегеј во 2016, кое било во стечај. Од минатата година компанијата Rubikon, по почетна цена од 177 милиони долари, стана сопственик и на бродоградилиштето Shipyard Bomex 4M во Перлез, кое исто така било во стечај.
(Bizlife)