Професијата технолог нуди големи предизвици и потреба од постојано учење

- Advertisement -

Ане Анчев е менаџер за контрола на квалитет во Цементарница Усје, човек кој од најрана возраст е вљубеник во техничките науки. Велат дека најсреќни се оние луѓе кои ја работат работата што ја сакаат. Таков е примерот на г-н Анчев кој по завршување на основното образование, привлечен од техничките науки се запишал во средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“ каде по првите контакти со хемиската лабораторија станал дефинитивно сигурен дека не погрешил во изборот. Во 1995 тој се запишал на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје каде што дипломирал на насоката Базно органско и полимерно инженерство.

Изминатитe години тој својата кариера ја гради во цементарница Усје. Колку тој си ја сака работата докажува неговата изјава: После толку години работа сè уште не сум почувствувал момент да погледнам на часовникот за да видам уште колку има до истек на работниот ден.

- Advertisement -

„Покрај учењето, периодот на студирање беше исполнет со дружби и запознавање на нови пријатели и колеги, како од Македонија, така и од странство. Бев член на IASTE, кое претставуваше додадена вредност на студиите. Покрај дружење со студенти од сите континенти имав можност да работам два месеца како практикант на Универзитетот во Wurzburg, Германија. Дипломската работа беше дел од заеднички проект на ТМФ и Бугарската Академија на науки. По самото дипломирање постоеше голема дилема кај мене, дали да продолжам на постдипломски студии или да барам работа. Имајќи ја предвид финансиската состојба во тој период, се решив за интензивно барање работа и почеток на развој на професионалната кариера. Така и се случи. Првата реална понуда беше во металуршката индустрија. По две години работа во челичната индустрија, се придружив на младиот тим во Цементарница УСЈЕ АД Скопје, дел од интернационалната групација ТИТАН. Работата во добро организирана средина, дел од голема меѓународна групација, е одговорност и предизвик. Потребата од испорачување на квалитетен производ покрај макотрпна работа бара и континуирано унапредување на знаењето, што на некој начин претставува главен мотив за мојата работа.

Разговараше – Верица Јорданова

- Advertisement -

Г-н Анчев, што лично за вас значи професијата технолог?

Наједноставна дефиниција е примена на научните сознанија во практични, употребливи цели. Професијата технолог е предизвик. Се користат познавањата од сите области во секојдневната работа која многу често е прекината со потреба од брзи интервенции и решенија кои се мотивирани од потребата за оптималното искористување на ресурсите во сите етапи на производството до добивање на производ кој ќе ги задоволи потребите на потрошувачот. Таа динамика бара континуирано учење и примена на знаењето.

- Advertisement -

Вие долги години сте дел од стручниот тим на УСЈЕ. Во моментов сте одговорен за контрола на квалитетот. Може ли да ни кажете кои се вашите работни обврски и кој е предизвикот да се работи во компанија како УСЈЕ?

Веќе 16 години сум дел од Цементарница УСЈЕ АД Скопје каде што работев во сите фази во процесот на производство. Изминатите две години го раководам секторот за контрола на квалитет каде што со колегите се грижиме нашите производи да бидат по највисоките европски стандарди. Покрај тоа согласно нашите интерни стандарди со висока контрола и примена на нови материјали, знаења и стандарди обезбедуваме и премиум вредност на нашите производи. Дневните работни обврски опфаќаат координација на работата со останатите сектори, организација на работата во секторот, проверка на анализите и осигурување на нивната точност. Соработката со останатите сектори е клучна во целиот процес. Преку брза и точна комуникација и пренос на информациите, го даваме најбрзиот и најдобриот одговор на варијабилите кои настануваат. Работењето во индустријата бара голема пожртвуваност и спремност да се одговори на предизвиците. Голема обврска и предизвик е да се произведе производ од природни материјали (со големи варијации во својствата и квалитетот) и да се произведе униформен производ кој треба да нè надживее. Цементот е основната компонента за производство на бетон, кој е најупотребуван материјал/ресурс на човештвото, веднаш зад употребата на водата.

Во насока на континуираната потреба да се задоволат барањата на клиентите, но и да се следат светските трендови во индустријата постојано работиме, во соработка со централната лабораторија на групацијата, на развој на нови типови цемент. Цементот е сериозен производ и одржувањето на неговиот квалитет е одговорна работа.

Сето ова треба да се постигне а воедно и да се следат барањата од страна на групацијата со следење на нејзините основни вредности, интегритет, испорака на резултати, континуирано унапредување, давање вредност кон клиентите, усовршување на професионално знаење и корпоративната општествена одговорност.

Многумина сметаат дека работата во големи гиганти не нуди простор за креативност и иновација. Кој е вашиот став по ова прашање?

Напротив. Низ годините сум сведок како со успешна комбинација на знаењето, искуството, ентузијазмот се поттикнува креативноста и се произведуваат одлични резултати во насока на подобрување на работните услови на вработените, заштеди во процесот, намалување на влијанието врз животната средина. Креативноста на вработените е тоа што овозможува тие да растат во компанијата но и компанијата да расте со нив. Цементната индустрија е таков тип на индустрија кој бавно се развива, особено во споредба со IT технологијата. Добивањето на цемент е воспоставен технолошки процес со дефинирани физички промени и хемиски реакции кои не може лесно да се менуваат. Употребата на нови суровини, материјали, извори на енергија континуирано го унапредуваат процесот во насока на заштеда во искористувањето на енергијата и намалувањето на влијанието кон животната средина, но воедно не го загрозува квалитетот на производот.

Што значи да се биде инженер во УСЈЕ. Колку често се соочувате со нови предизвици во работата?

Инженер во индустрија, а особено во индустрија со високи стандарди е одговорна работа. Дружењето со предизвиците не е осумчасовна работа. Инженерот е одговорен да ги спроведува и надградува безбедносните процедури, да ја организира работата, да врши обука на својот тим и да испорачува резултати. Секојдневното соочување со нови предизвици нè предизвикува и не тера постојано да учиме и да усвојуваме нови знаења и вештини и истите да ги пренесуваме. После толку години работа сè уште не сум почувствувал момент да погледнам на часовникот за да видам уште колку има до истек на работниот ден.

Соработката на компанијата со ТМФ е на високо ниво. Имате заеднички меѓународни проекти, организиравте заедничка меѓународна школа, а се изработуваат дипломски и магистерски работи. Може ли да ни кажете нешто повеќе за оваа соработка и ефектите од истата?

Во последните неколку години соработката со ТМФ се прошири. Работиме заедно на меѓународни проекти кои во иднина треба да дадат насоки во развивање на нови типови цемент за различни намени. Заеднички ја организиравме меѓународната школа за млади докторанди и млади истражувачи во рамки на COST акцијата SAECOS, а со научна поддршка на RILEM. Работењето на заеднички проекти ни овозможува да ја прошириме мрежата на познанства со професионалци од иста или сродна струка во државата но и надвор од неа, да продолжиме да соработуваме и разменуваме применливо знаење. Се разбира сето тоа треба да најде практична примена и да биде од корист за државата, институциите, индустријата. Со извршување на практичната работа, изработка на дипломските работи, студентите треба да се доближат до индустријата и обратно. Она што недостасува на нашиот образовен систем е вистинска практичната работа на студентите за време на студиите со цел да се запознаат подетално со тоа што го изучуваат.

Студенти на посета во УСЈЕ

Познато е дека УСЈЕ иницира доста проекти во кои се вклучени млади. Колку е тешко во денешно време да се иницираат младите да се одлучат за инженерска професија?

Имам чувство дека повеќето идни студенти се гледаат себе во IT индустријата, во удобни работни средини, можност за брз напредок и сл. Тоа е поттикнато од неофицијалните кампањи дека во тој сектор лесно се наоѓа работа, надоместоците за трудот се поголеми. Сметам дека успешните компании во земјата треба да иницираат кампања за да се запознае младината со начинот на кој работат, каков кадар е потребен, кои се работните задолженија и да ги промовираат овие професии, кои се перципираат како демоде, а реалноста е сосема друга. Го поздравувам овој исчекор на ТМФ и Иновативност преку овие интервјуа да се пренесе искуството кон помладите генерации. Се надевам дека во блиска иднина ќе се изнајде начин тие да бидат подостапни за генерацијата која треба да го избере својот професионален повик.

Наскоро следуваат уписи на факултетите. Што би им препорачале на младите кои допрва треба да ја изберат својата животна професија?

Повеќето од матурантите веќе имаат одлучено што да студираат. Најдобар начин е да ги следат своите афинитети и да продолжат да студираат тоа што побудува интерес кај нив. Треба да знаат и да бидат подготвени дека учењето нема никогаш да престане доколку сакаат да бидат успешни во тоа што го работат.

За тие што се двоумат би им кажал дека од се срце ги поздравувам тие што се решиле за инженерска професија особено на ТМФ. Бидете отворени за апсорбирање на нови знаења од областа која сте ја одбрале, не застанувајте со учењето. Успехот и напредокот во кариерата е дефиниран од вашата посветеност и користењето на вашето знаење. Познавам многу успешни инженери кои покрај успешна инженерска кариера, градат и изградија и успешни менаџерски кариери. Бидете упорни во исполнувањето на вашите соништа и цели.

Сподели!
- Advertisement -