Властите во Флорида одобрија пуштање на 750 милиони генетски модифицирани комарци, а целта е намалување на локалната популација на овие инсекти. Модифицираните комарци ќе послужат за намалување на бројот на комарци кои пренесуваат болести.
Проектот доби зелено светло после повеќегодишна дебата и противење на активистите за заштита на животната средина, кои предупредуваа на последиците. Една од таквите групи тврдеше дека планот е исто како јавна верзија на експериментот „Паркот Јура“.
Активистите предупредуваат дека со проектот може да се нанесат тешки штети врз екосистемите, како и на потенцијално креирање хибриди, односно комарци отпорни на инсектициди.
Меѓутоа, од компанијата која стои зад проектот тврдат дека нема ризици по луѓето и по животната средина, како и дека претходно биле спроведени истражувања. Планирано е комарците да бидат пуштени во Флорида Кис во 2021 година. Комарците можат да пренесуваат разни болести, а само женките ги касаат луѓето затоа што им е потребна крв за производство на јајца. Планот е да се пуштат модифицирани машки единки.
(BBC)
(фото: Health.mil)