Македонската асоцијација на издавачите со задоволство ја извести јавноста дека традицијата продолжува. И оваа година, во овие вонредни услови за живеење и работење, македонските издавачи направија напори на љубителите на пишаниот збор да им овозможат да се снабдат со добра книга.
Саемот на книга 2020 ќе се одржи од 8 до 14 септември на отворено во „А1 арена СЦ Борис Трајковски“, кај Аква паркот, под монтажни објекти. Издавачите ќе ги понудат своите најнови наслови и богатата понуда на изданија со големи саемски попусти. Книги од домашни и странски автори, стручна, научна и белетристичка литература, книги за деца и млади и литература на странски јазици – сето ова ќе биде достапно во втората недела од септември.
Согласно Протоколите за спречување на ширење на коронавирусот, пропишани од Владата на Република Северна Македонија, за Саемот на книга 2020 ќе бидат обезбедени сите безбедносни мерки, поради кои, впрочем, саемот оваа година за првпат и се одржува на отворен простор.
Работното време на саемот е од 10 до 20 часот, а на 14. септември од 10 до 17 часот. Билетот за влез чини 30 денари, а за деца и млади до 18 години изнесува 20 денари. Билетите ќе може да се набават онлајн, како и на билетарите пред влезот на саемот.