Банките ќе овозможат втор период на одложена отплата за кредитите на граѓаните

- Advertisement -

Банките ќе овозможат втор период на одложена отплата на кредитни производи, само за клиенти кои имаат реална, неопходна потреба, како на пример: останале без работа, имаат намалени месечни примања или високи трошоци за лекување, информираат од Македонската банкарска асоцијација (МБА).

Вториот период на одложена отплата нема да ги опфати сите корисници на кредитни производи, туку оние коишто се соочуваат со реални потешкотии предизвикани од ковид-кризата.

- Advertisement -

Детални информации, во рамки на своја постапка и методологија, секоја деловна банка ќе објави на својата интернет-страница во најкус можен рок околу процесот и постапката преку која ќе се овозможи вториот период на одложена отплата. Од датумот на објавата, клиентите ќе имаат рок до 10 дена да се изјаснат дали им е неопходен втор период на одложена отплата. Граѓаните се охрабруваат да пристапат до својата банка преку нејзината интернет-страница, или преку други канали за комуникација определени од банката, и да побараат да се вклучат во постапка за одложена отплата. Притоа ќе треба да ја информираат својата банка за причините за одложување на отплатата: намалени приходи, изгубено работно место и/или настанати потреби за лекување во изминатиот период, по што овие барања ќе бидат соодветно разгледувани и за истите ќе се донесе одлука,“ се вели во соопштението на МБА.

Со оваа активност, граѓаните ќе бидат во можност да користат до шест месеци продолжување на рокот на отплата на своите кредитни обврски, за сите или за дел од кредитните производи кои ги користат, во зависност од пристапот и понудата на секоја банка.

- Advertisement -

Инаку, заклучно со 30 септември завршува периодот на одложена отплата на кредитните производи за население согласно понудата која деловните банки ја објавија за сите свои корисници на почетокот на април годинава во согласност со регулативата на НБРСМ. Во меѓувреме, дел од клиентите одлучија да се вратат во редовна отплата на кредитите, додека сите други согласно Договорите за кредитните производи почнувајќи од октомври/ноември ќе продолжат со редовна отплата на обврските.

Сподели!
- Advertisement -