Индија денес го претрка Бразил и стана втора земја во светот, после САД, која има најголем број заболени од корона вирусот. Бројот на новозаразени алармантно расте и во многу други земји во светот, од кои некои се во Европа.
Индија денес има 4,2 милиони заразени, а Бразил има 4,12 милиони. На прво место се уште се САД со 6,25 милиони заразени, покажуваат податоците на универзитетската болница „Џонс Хопкинс“.
И покрај загрижувачките бројки, подземната железница во Индија и понатаму работи откако со месеци беше затворена во повеќе градови како Мумбаи и Њу Делхи.
Во Индија во последните две недели просечниот број на дневни новозаразени порасна од 65.000 на 83.000, што е раст од приближно 27% за две недели, односно 2% на ден.
Во многу земји во кои се чинеше дека епидемијара стивнува бројот на новозаразени алармантно расте додека децата во Европа се враќаат во училиштата, а луѓето од работа од дома се враќаат во канцелариите.
На глобално ниво од пандемијата досега починаа околу 900.000 луѓе од крајот на декември. Најголем број жртви има во САД – околу 200.000, во Бразил има околу 126.000, а на трето место е Индија со околу 70.000.
(SEEBiz.eu)
(фото: Pickpik)