Хрватска ја доби првата криптомарка, осмислена во соработка со хрватската блокчеин заедница. За разлика од класичните марки, таа во себе крие цела низа занимливости и посебности. Така, дигиталниот токен Postereum го направи хрватската компанија Bitx, а во пакет со физичката криптомарка доаѓаат и сите податоци потребни за активација или пренос на дигитални криптомарки. После купување на криптомарката од неа може да се одлепи делот кој се користи за плаќање поштарина, додека дигиталниот дел останува за користење на блокчеин.
Како што истакнуваат од Хрватски пошти, крипто-марката е замислена како идеална комбинација од аналогното и дигиталното. Бидејќи со секоја физичка марка доаѓа и дигитален токен на блокчеин, криптомарката потенцијално ќе живее засекогаш затоа што и е додадена заштита од распаѓање. Дигиталниот токен е креиран на Ethereum платформата и на блокчеин е застапен како non-fungible token (NFT) по стандардот ERC721. Таквите токени имаат колекционерска вредност како и класичните марки, со што се постигнува достојно воведување на филателијата во дигититалниот свет.
Криптомарката е избрана во пет категории со пет различни мотиви кои прикажуваат превозни средства: комби (60.000 примероци), воз (25.000 примероци), брод (10.000 примероци), авион (4.000 примероци) и дрон (1.000 примероци). Вкупно се произведени 100.000 примероци.
Марката може да се купи во поголемите поштенски филијали, во мрежата на продавниците www.epostshop.hr, а ексклузивни 500 поштенски марки, за кои е овозможено плаќање во криптовалути, ќе бидат достапни во мрежата на kripto.posta.hr/marka.
(Zimo)