Козите на Давид од Раштак мора да се среќни, тоа е услов и за неговата среќа

- Advertisement -

Да се живее далеку од градскиот метеж, во природа, зеленило и чист воздух е сонот кој му се оствари на скопјанецот Давид Неделковски и неговото семејство. Тој веќе девет години докажува дека животот во град не е неопходност ако сакаш да работиш, заработиш и живееш од својот труд. Неговата фарма за кози, лоцирана во скопското село Раштак, на имот кој го наследил од неговиот дедо, има над 80 грла и под брендот „Кози, млеко, планина“ произведува свежо млеко, сурутка, младо, крем и старо сирење, биено и тврдо сирење, како и павлака. Секојдневието на Давид е исполнето со рутината на неговите животни и правењето на млечните производи. Вели дека ужива во секој момент и воопшто не се кае што градскиот го замени со живот на село.

Пишува – Сања Наумовска

Нема среќен фармер без среќен добиток“, вели Давид и посочува дека целта на неговата фарма е лимитирано производство и висок квалитет, а сето тоа мора да биде усогласено со благосостојбата на козите и условите за работа.

- Advertisement -

„За нас е најважно козите да бидат здрави и витални, што зависи од прихраната и исхраната, но и од начинот на одгледување, односно козата да нема стрес. Затоа ја користиме секоја можност да се хранат слободно со локалната биоразновидност на планината преку целата година, а со прихраната им ја балансираме храната. На тој начин тие се здрави и даваат квалитетно млеко, што пак е предуслов за здрав и вкусен млечен производ“, објаснува Давид.

Тој верува дека модерното темпо на живот ќе натера голем број луѓе да се вратат во селата, бидејќи, како што вели, тие не се исти како пред еден век. Среќа е што неговите животни околности го одвеле во Раштак, село на околу 12 километри од центарот на Скопје, распослано на Скопска Црна Гора на 620 метри надморска висина со богата природа. Тука поминал убав дел од детството, а сега веќе една деценија и активно живее и непрекинато инвестира во својот живот и фарма.

- Advertisement -

„Јас искрено верувам дека млади, писмени и креативни луѓе се повеќе ќе се враќаат во село и интересот и потребата за производство на храна ќе се зголемуваат. Градовите станаа досадни, немаат што да понудат, недостасува предизвик. Јас во ова што го правам повеќе гледам како на концепт, на начин на живот, отколку како на бизнис“, вели Давид.

Покрај козите кои му се примарна дејност, има и премногу други идеи и интереси кои би ги вклопил во еден цел живот. Не знае како ќе ги канализира, но во секој случај, сите се поврзани со Раштак и козите. По одржувањето на отворен ден на фармата минатата година и интересот на посетителите, својата фарма ја става и на туристичката мапа во земјава.

- Advertisement -

„Отворениот ден им отвори можност на посетителите да се запознаат со комплексноста на сточарството, количината на труд потребна за финален производ и рушење на митот дека, ако е од козјо млеко, производот по правило треба да има непријатен мирис и вкус. Искуството на посетителите го надополнија и нашите питоми кози кои со големо задоволство се галат“, раскажува Давид.

Од оваа година фармата е дел од Genuine Experiences – платформа за автентични туристички искуства и во моментов работат на адаптација на нивниот начин на живот за да не се одрази негативно на козите и производството, што е голем предизвик. Во искуството е вклучено дружењето со жителите на фармата, дегустација на нивните производи но и плодовите кои ги дарува планината.

„Сметам дека е добро луѓето да имаат можност за едно вакво искуство, кое би влијаело во зголемување на свесноста за придобивките од домашната, традиционалната и природната храна, но и за достоинството на фармерот за неговиот вложен труд“, вели Давид.

Тој смета дека би било добро државата постојано да ги следи потребите на малите фармери и помошта да ја дава навремено. Исто така, на сите мали производители и поддржувачи на здравата храна им препорачува да соработуваат со Ѕlow food Macedonia, заради нивните искрени заложби за природна и чиста храна, како контратежа на индустриското производство.

„Корисник сум на субвенции, кои се реална помош, но би било подобро да пристигаат секогаш во вистинско време бидејќи од нив ни зависи целата сезона, а и наредната ја ставаат под ризик, па затоа се надевам дека ќе доживеам да немам потреба од помош. Земјоделците и сточарите, исто така, немаат многу слободно време за да се информираат, особено постарите генерации, па сметам дека би било добро сите вести, новости и мерки да се објавуваат пред селските месни заедници, како би се зголемила можноста за поголем развој на овие гранки кои се од суштинско значење за секоја држава. Пред некое време излезе новиот правилник за мали производители и условите за отпочнување со работа, што е од големо значење и помош за нас производителите и нашиот понатамошен развој“, посочува Давид.

Сподели!
- Advertisement -