Четвртиот пакет економски мерки кој го усвои Владата на денешната седница „тежи“ 470 милиони евра, содржи вкупно 31 мерка. Тој е продолжение на претходните три пакета, а целта е да се обезбеди одржливост на македонските економски дејности и работните места.
Прва мерка е продолжување на поддршката за исплата на плата во последните три месеци. Таа ќе биде скалеста и ќе зависи од падот на приходот кај компаниите. Колку е поголем падот на приходите толку ќе биде поголема поддршката која ќе се движи од 14.500 денари до 21.776 денари. Со оваа мерка ќе бидат поддржани 250.000 работни места, а вредноста е 70 милиони евра.
Втората мерка е платежна картичка за поголема потрошувачка во износ од 6.000 денари, а ќе ја добијат 5.726 самохрани родители 182.271 пензионер со пензии до 15.000 денари, 85.108 пасивни баратели на работа, 520 самостојни уметници и оние граѓани над 64 години кои немаат пензија, а се со приходи пониски од 15.000 денари или воопшто немаат приходи. Оваа мерка е наменета за 280.000 граѓани кои ќе бидат поддржани со 27,6 милиони евра.
Трета мерка, додаде, е зголемувањето на грејс периодот кај бескаматните кредити од КОВИД-1. Со оваа мерка, преку Развојната банка на постоечките корисници на кредитни линии од оваа банка, ќе им бидат обезбедени дополнителни 3 месеци грејс период пред да започнат со исплата на ануитетите од земените кредити.
Со четвртата мерка од новиот пакет се обезбедени нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка обезбедени преку Европската инвестициона банка и ќе бидат пласирани во јануари 2021, преку деловните банки за поддршка на домашните компании, со исклучително ниска камата.
Петтата мерка е поддршка со плати за туристичките водичи. На 150 регистрирани туристички водичи за месеците октомври, ноември и декември, ќе им биде исплатена минимална бруто плата во висина 21.776 денари.
За поддршка на секторот туризам, како еден од најпогодените од кризата е шестата мерка – Поврат на туристичката такса за 2019 година. На 4.740 субјекти кои организирале ноќевања во 2019 година, ќе им бидат вратени 2 милиони евра, колку што изнесува вкупниот износ на туристичката такса инкасирана во таа година.
Семата мерка е Грантови за туристички агенции и корисници на оваа мерка ќе бидат 500 туристички агенции, а нејзината вкупна вредност изнесува 1,9 милиони евра за грантови од 3.000 до 7.000 евра за сите туристички агенции во зависност од бројот на вработени и од вкупниот промет во 2019 година, и во зависност од тоа дали се носители на А или Б лиценца.
Осмата мерка формирана низ процесот на консултации со стопанските комори е намалување и/или укинување на парафискалните давачки како што се надоместоци, такси, дозволи, лиценци, плаќања за издвојување средства по разни основи и нивно тековно намалување и/или укинување на некои од нив.
Мерката број девет, додаде, е Грантови за ресторани за свадби преку која поддршка ќе добијат сите регистрирани и лиценцирани субјекти за оваа дејност, во вкупна вредност од 1 милион евра. Со овој пакет е опфатена и десеттата мерка – Продолжување на лиценците за работа на дискотеките, ноќните клубови како и за компаниите од транспортната заедница.
Како 11 мерка се Грантови за игротеки за деца. За околу 1.000 игротеки ќе се обезбедат грантови во висина од 1.000 до 5.000 евра во зависност од остварениот промет во 2019 година, а целата вредност на оваа мерка изнесува 2,5 милиони евра.
Дванаесеттата мерка се ооднесува за занаетчиите за кои исто така е обезбедена поддршка. Со неа се предвидува намалување на ДДВ-то на нивните услуги и производи од 18% на 5% за да ја зајакнеме нивната конкурентност на пазарот. На самостојните вршители на дејности, односно на занаетчиите, им остануваат на располагање и другите мерки, како оние за поддршка за исплата на платите или пристапот до поволните кредити од Развојната банка на Северна Македонија.
Тринаесетта мерка од четвртиот пакет е мерката – Државна кредитна гаранција. Со оваа мерка државата става на располагање 10 милиони евра финансиски средства за поддршка на компаниите за полесен пристап до евтини финансиски средства, преку преземање на дел од кредитниот ризик. Со државната гаранција од 10 милиони евра на стопанството ќе му бидат на располагање кредити со вредност од 65 милиони евра.
Мерката – Државна царинска гаранција е 14-та мерка кој има за цел да им обезбеди поголем извоз на компаниите и полесен пристап до суровини.
Со 3 милиони државна гаранција за обезбедување на царинскиот долг го поддржуваме извозот и увозот и го олеснуваме пристапот на суровини за преработка на македонските компании во износ од околу 25 милиони евра, преку Развојната банка на Северна Македонија. Како 15 мерка за олеснување на работењето на компаниите е – Дополнително одложување на отплата на кредити за компании, до крајот на годината, а 16 мерката за намалување на казнената камата за јавни давачки за половина од 0,03% на 0,015% до крајот на годината
Седумнаесетта е мерката – Одложување на плаќање на аконтација на данокот на добивка. Таа предвидува одложување на плаќањето на аконтациите на данокот на добивка до март 2021 година за компании кои имаат пад на приходи поголем од 40%. Како 18-та мерка е продолжувањето на мерката Ослободување од ДДВ за донации од јавен карактер, за уште 12 месеци, прецизира Заев.
Една од новите мерки, 19-та по ред е – Намалување на стапката за ДДВ за ресторански услуги и служење на храна и пијалаци, со која, истакна премиерот, овие услуги ќе се даночат со нова повластена стапка на ДДВ од 10% наместо сегашната редовна стапка од 18%.
За да ги олесниме финансиските обврски на компаниите ја носиме 20-тата мерка – Одложено плаќање на ДДВ-то. Со оваа мерка, прецизира, ќе биде дозволено одложено плаќање на ДДВ, седум дена по поднесување на ДДВ пријавата, без камата.
-Со оваа мерка ќе се укине обврската од Законот за данокот на добивка за покривање на загубите на терет на идни добивки. Воедно, со предложените измени, ќе се продолжи рокот за пренесување на загуби на терет до пет години, наместо сегашното законско решение кое утврдува пренесување на загубата до три години. Оваа мерка стартува оваа година и важи за 2020 и 2021 година.
Следната 23 мерка која е од сферата на даночната политика е мерката – Зголемување на прагот со кој субјектите би биле дел од режимот на неоданочување со данок на добивка и зголемување на прагот со кој субјектите би влегле во режимот на вкупен приход.
-Со оваа мерка се предвидува прагот да биде поставен на 5 милиони денари на годишно ниво, согласно кој може да се стане даночен обврзник во режимот на неоданочување. Исто така, мерката предвидува да се зголеми прагот со кој компаниите би биле дел од режимот на вкупен приход, односно правните лица кои имаат вкупен приход помеѓу 5.000.001 денар и 10 милиони денари, да може да одберат дали да плаќаат данок на добивка или да преминат во режим на данок на вкупен приход од 1%. Со оваа мерка ќе се ослободат околу 1,15 милиони евра кои компаниите можат да ги пренаменат за инвестиции или за други развојни бизнис планови.
Во овој пакет, додаде, е вклучена и 24-тата мерка – Признавање на трошокот за приватно здравствено осигурување како признаен расход, како и мерката 25 – Признавање на расходите за тестирање од КОВИД – 19, исто така како признаен расход.
-Со мерката 26 – Намалување на увозни давачки за суровини и репроматеријали, се обезбедува поддршка за најпогодените преработувачки индустрии, како и поттик за развој на преработувачките капацитети.
Со оваа мерка, покрај сите автономни мерки за суровини утврдени на 24 декември 2019, се вклучува и намалувањето на увозните давачки за природен гас со конечна цел не само економски, туку и еколошки ефект.
За мерката 27 – Поддршка за развој на човечкиот капитал, потенцира, во овој пакет е предвидено ослободување од данок на добивка и данок на личен доход за трошоци за вработени кои се однесуваат на доквалификација и тим билдинг.
-Ќе се укине данокот на личен доход за трошоци кон вработени кои се однесуваат за обука, квалификации, добивање лиценци, со што ќе се овозможи подобрување на квалитетот на работната сила со која располагаат компаниите, но истовремено ќе се пропише и законски лимит за овие трошоци, на пример една просечна плата на годишно ниво. Оваа мерка ќе започне да се имплементира од 1 јануари наредната година.
Со мерката 28 – Поддршка на откуп на грозје од реколта 2020 година, за која се предвидени 6.700.000 евра, како што рече, ќе се поддржат производители на винско грозје кои го предале своето грозје кај регистрирани винарски визби, како и винарски визби за транспортните трошоци при извоз.
-Секој извозник ќе добие субвенција според количината извезено вино, која ќе се исплаќа скалесто во зависност од количината на извезено вино.За секторот игри на среќа е предвидена 29-тата мерка – Ослободување во висина на 2/3 од законски пропишаниот износ за приредувачи на игри на среќа.
За да се олесни работењето на општините во време на КОВИД-19, определена е 30-тата мерка – Промена на пресметка на основата за финансирање на Единиците на локалната самоуправа, со која при издвојување на средства за единиците на локална самоуправа, наместо само за претходната година како до сега, во предвид ќе биде земена пресметката на просечна наплата на ДДВ за претходните три години.
Како 31-ва во овој пакет мерки, ќе се спроведе викенд без ДДВ.Оваа мерка предвидува да опфати повеќе од 350.000 граѓани, корисници на апликацијата „МојДДВ“, кои за време на продолжениот викенд на 10-11-12 октомври ќе можат да купат домашни производи и услуги или компјутери и друга ИТ опрема во вредност од најмногу 30.000 денари, во рок од неколку дена ќе го добијат назад на своите сметки целиот ДДВ. Со ова мерка се проектира да се направи промет од 170 милиони евра, пари кои ќе бидат инекција за стопанството, а кон граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра, од повратот на ДДВ, нагласи премиерот Заев.
Вредноста на четвртиот пакет економски мерки, потенцира, изнесува 470 милиони евра и заедно со вкупната вредност на претходните три пакети од 550 милиони евра, тоа значи дека 1 милијарда и 20 милиони евра се насочени повторно кон граѓаните и стопанството за да обезбедиме стабилна одржливост на економијата со потенцијал за ревитализација.