Меѓународната вселенска станица (ISS) вчера од височина од околу 425 километри над Земјата емитуваше сигнал, кој беше „фатен“ од радиоаматерите на клубот „Никола Тесла“ од Штип, јави Мета.
Од клубот објаснуваат дека, според најавата, Меѓународната вселенска станица околу 18.42 часот „прелетала“ над Централна Европа, а тие се обиделе – и успеале – да го примат сигналот, со кој се емитуваа неколку фотографии од станицата до Земјата. Станицата во моментот на прием од Штип била оддалечена околу 1.500 километри, односно во тие мигови прелетувала над Чешка.
Пробата ја направиле со неколку евтини рачни радиостаници и ги користеле нивните оригинални тн.„пендрек“ антени.
-На наше големо изненадување, сигналот беше многу силен и се примаше одлично. Му се јавив на Тигар (Z37M/P) (член на клубот), кој беше излезен со својот автомобил во околината на Штип и на својот мобилен телефон ја имаше инсталирано апликацијата за декодирање на SSTV-сигналот. Тој примаше со Баофенг UV-10R, а мобилниот телефон го доближи до рачната радиостаница, за да може да го декодира сигналот и да го претвори во фотографија која се емитуваше од Меѓународната вселенска станица. Во тие неколку минути, додека Меѓународната вселенска станица со својата орбита беше блиску до Македонија, успеавме да направеме неколку видеа и да декодираме една фотографија од SSTV-сигналот – објасни Миле Кокотов, претседател на клубот „Никола Тесла“ од Штип.