Гугл планира во следните три години на медиумите да им плати милијарда долари за содржините, изјави извршниот директор Сундар Пичаи, попуштајќи на притисокот на медиумските компании.
Издавачите веќе долго време се борат со најпопларниот светски интернет пребарувач, тврдејќи дека мора да им плати за користењето на содржините. Најгласни меѓу нив се европските медиумски групи. Пичаи најави нов производ, Гугл њуз шоукејс, кој прво ќе го претстави во Германија, по потпишаниот договор за плаќање на содржините со неколку медиуми, вклучувајќи ги Шпигл, Штерн и Цајт.
Ќе следи претставување на Гугл њуз шоукејс во Белгија, Индија, Холандија и други земји. Интерес покажале околу 200 издавачи од Аргентина, Австралија, Британија, Бразил, Канада и Германија, а Гугл веќе потпишал договор за плаќање на содржините со повеќе бразилски медиуми.
„Според оваа финансиска обврска, нашата најголема досега, на издавачите ќе им го платиме креирањето и уредувањето на висококвалитетните содржини за различни видови интернет вести“, наведе Пичаи.
„Пристапот се разликува од нашите останати вести бидејќи се потпира на уредничките одлуки на одделни издавачи кои ќе им ги покажат сториите на читателите и ќе им ги претстават“, кажа тој.
Производот се темели на договор за лиценци, склучен во јуни со медиумски групи во Австрија, Германија и Бразил, кој предизвика едвај рамнодушен одговор на Европскиот совет на издавачи. Во Франција, пак, беше остро критикуван.
Гугл во моментов преговара со француските издавачи, а на тешкотии наиде и во Австралија, која сака да го примора да си сподели приходите од огласувањето со медиумските компании, наведува Ројтерс. Најавата на договорот со медиумите разгневи дел од интернет издавачите, како страниците со временски прогнози и рецепти, кои тврдат дека Гугл им штети на нивните приходи.
Извор- Радио МОФ