Oсигурителната индустрија е отпорна на кризата!

- Advertisement -

Осигурителните компании на домашниот пазар во првата половина на годинава оствариле бруто полисирана премија (приходи) во износ од 83,7 милиони евра и е само 2 отсто помало од лани. Но затоа бруто исплатените штети се пониски за 9,3 отсто од лани односно помали се за 2,7 милиони евра (кај неживотното осигурување) – покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО).

Брутополисираната премија во корона услови, во првите шест месеци годинава, кај сите 16 компании (11 компании за неживотно осигурување и 5 друштва за животно осигурување) е само за 1,8 милиони евра ( за 2,1 отсто) пониска во споредба со истиот период 2019 година. Ова укажува на заклучок дека во услови на повеќе од 50 дена вонредна состојба од средината на март до крајот на мај кога голем обем економски потфати и деловни операции беа замрзнати, редуцирани или отежнати осигурителните компании успеале да одржат солидно ниво на продажби на осигурителни полиси.

- Advertisement -

Согласно податоците на АСО, 11 компании за неживотно осигурување во овој период оствариле бруто полисирана премија од 70,3 милиони евра и тоа е за 1,4 милиони евра помалку од истиот период претходната година. Наспроти нив петте компании кои продаваат полиси за животно осигурување во првите шест месеци годинава продале полиси вредни 13,5 милиони евра што е за само 300.000 евра помалку од истиот перидо 2019 година.

Најголем учесник на домашниот осигурителен пазар (неживотно осигурување) во првото полугодие (според бруто полисирана премија БПП ) е Триглав со реализација од 11,5 милиони евра (исто како споредбениот период лани). Еуролинк е втор со БПП од 9,1 милиони евра пред Македонија Осигурување со 8,5 милиони евра и Сава со 6,7 милиони евра. Од најголемите пет осигурителни компании само Сава има раст на приходите од БПП, Триглав е на исто ниво од лани, а другите три компании бележат благи намалувања на приходите.

- Advertisement -

На пазарниот сегмент на животно осигурување неприкосновена е Кроација Осигурување живот со 5,2 милиони евра БПП, пред Граве животно осигурување со БПП од 4,2 милиони евра.

Извештајот на Агенцијата за супервизија на осигурувањето покажува дека во структурата по класи на осигурување убедливо и очекувано доминира класата – автоодговорност.

- Advertisement -

За првите шест месеци БПП од оваа класа на осигурување изнесува 30,7 милиони евра и тоа е за 3,8 милиони евра помалку од лани. За сметка на оваа класата осигурување имот останато (без пожар н.з.) за првото полугодие реализира БПП од 11,4 милиони евра што е за 2 милиони евра повеќе од истиот период лани. Раст има и кај БПП имот од пожар и тоа за шест месеци изнесува 7,9 милиони евра што е за 1,3 милиони евра повеќе од лани. Каско осигурувањето моторни возила има БПП од 6,6 милиони евра, а незгода има БПП од 6,4 милиони евра.

Податоците укажуваат дека намалената мобилност заради корона успловите веројатно во значајна мерка влијае врз намалувањето на исплатените штети. За првата половина од годинава бруто исплатените штети (во неживотно осигурување) изнесуваат 26,3 милиони евра што е за 2,7 милиони евра односно 9,3 отсто помалку од истиот период лани. Од официјалните податоци на АСО се гледа дека лидер по исплата на бруто штети е Триглав со 3,8 милиони евра, пред Еуролинк со 3 милиони евра, Евроинс со 2,9 милиони евра и Сава со 2,8 милиони евра.

Бруто техничките резерви на крај на јуни годинава се за 15,9 милиони евра односно за 12 отсто повисоки во споредба со истиот период лани, покажуваат официјалните податоци. На 30 јуни годинава нивниот износ (во неживотно осигурување) изнесува 149 милиони евра наспроти 133,1 милиони евра во јуни лани. Најголемо е учеството на Триглав чии бруто технички резерви пораснале за 9,4 милиони евра до ниво од 31,5 милиони евра. Следуваат Еуролинк со 16,4 милиони евра, Осигурителна полиса со 15,9 милиони евра (3,2 милиони евра повеќе), Сава со 13,6 милиони евра и Винер со 12,6 милиони евра – се наведува во извештајот на АСО.

Компанија со најголеми бруто технички резерви е Кроација осигурување – живот со 47,5 милиони евра пред најголемиот конкурент на пазарот на животно осигурување Граве со бруто техничка резерва од 40,8 милиони евра – се вели во извештајот.

Извор – Стопанска Комора на Македонија

Сподели!
- Advertisement -