Економија во земјава оваа година ќе забележи пад од 4,1 отсто, следната 2021 година ќе се врати на нивото на економски раст од 3,6 отсто, додека во 2022 година растот би изнесувал 3,5 отсто, во услови на очекувана зголемена потрошувачка, раст на приватните инвестиции и извозот. Ова го прогнозира Светската банка во извештајот објавен денеска, под наслов :„Економски извештај за Европа и Централна Азија“ – „Ковид-19 и човечкиот капитал“.
Според Извештајот на Светската банка, пандемијата со ковид-19 силно ја погоди македонската економија, а натамошната неповолна епидемиолошка состојба дополнително ги намали оптимистичките изгледи. Мерките на владата за поддршка на бизнисот имаа влијание врз работниците и фирмите, но нивото на долгот на земјава сепак се приближи на 60 проценти од БДП, се вели во Извештајот, во делот посветен на Северна Македонија.
Се нагласува дека, покрај економските и социјалните мерки за санирање на кризата, ќе бидат неопходни и фискални, конкурентни, еколошки и реформи во управувањето.
„Економијата се соочува со рецесија од 4,1 проценти во 2020 година, што е најголем пад од 2001 година“, констатира Светска банка.
Се додава дека невработеноста е во пораст, а приватните инвестиции трпат сериозни удари, бидејќи инвеститорите имаат загуби во побарувачката и намалена ликвидност.
Се прогнозира и дека пониските приходи од трудот и помалите дознаки ќе ја зголемат сиромаштијата до нивоата од пред 2015 година, на околу 23 проценти во 2020 година, а програмите за поддршка од владата најверојатно ќе го ублажат степенот на сиромаштијата.
Светска банка очекува дека на среден рок економскиот раст ќе се врати, во зависност од намалувањето на силата на епидемијата, а политичката стабилност по парламентарните избори и започнувањето на преговорите со ЕУ би требало да ги зајакнат реформите и довербата на инвеститорите, со што и растот во Северна Македонија ќе се забрза.
„Пандемијата со ковид-19 и понатаму ќе влијае врз приходите на домаќинствата и здравствените трошоци што заедно со нарушените синџири на снабдување и пониската домашна и надворешна побарувачка, би довеле до натамошни отпуштања и зголемување на сиромаштијата“, се вели во Извештајот.
Фото – needpix.com