Идните амбасадори на Македонија во Косово и Холандија во работна посета на Макпрогрес

- Advertisement -


Во организација на Стопанската комора на Македонија, беше реализирана работна посета на идните амбасадори на РС Македонија  во Косово и Холандија. 

Во улога на домаќин, Глигор Цветанов, сопственик на „Макпрогрес“ – Виница и претседател на Клубот на извозници при Стопанската комора на Македонија, ги информираше амбасадорките за потенцијалите за соработка со овие пазари на македонското стопанство, за начините како амбасадите може да помогнат и да поттикнат поголем извоз, нови партнерства и афирмација на македонските производи на пазарите во Косово и Холандија. Цветанов предлага преку амбасадите да се поддржи организација на денови на македонска храна, поврзување со домашните трговски синџири во земјите за пласман на наши производи. На македонските компании од големо значење им е доколку во овие специфични услови на дејствување се овозможи и електронско, „онлајн“  претставување на капацитетите и производите на македонските фирми.

- Advertisement -

Во насока на претставување на потенцијалот на „Макпрогрес“, Цветанов организираше и посета на погоните на фабриката со цел и директно запознавање со производниот капацитет и процес на работа по сите европски стандарди. „Макпрогрес“ извезува на повеќе од 55 странски пазари, со извоз на 75% од вкупното производство. Има 11 производни линии во повеќе палети производи. Работи за познат купувач по дефинирани нарачки.

Генералниот менаџер на компанијата, Александар Цветанов, информираше дека е од особено значење за македонската прехранбена индустрија отворање на нови пазари, зацврстување на позицијата на постојните, но најголем предизвик се африканските и азиските земји, каде потребата од храна е огромна и има простор за извоз.

- Advertisement -

-„Макпрогрес“ има 600 вработени во Виница и 130 во фабриката „Дониа“. Компанијата активно учествува на светски познатите саеми за храна „Ануга“ и „Сиал“, а годинава поради КОВИД-19 целокупната извозна афирмација ја пренаменува преку „онлајн“ алатките. За таа цел, летово беше организиран и виртуелен „онлајн“ саем со своите странски партнери како замена за традиционалните форми на комуникација преку саемски настапи, – вели Глигор Цветанов. 

По реализираната посета на погоните на „Макпрогрес“, идните амбасадорки во Косово и Холандија посочија дека интерес за соработка постои. Амбасадите ја имаат таа моќ и позиција да помогнат во меѓународно вмрежување на нашите фирми со странски партнери и изразија уверување дека ваквата форма на соработка преку Стопанската комора на Македонија во комуникација со Министерството за надворешни работи ќе биде поддршка за домашните фирми.

- Advertisement -

Извор – Стопанска Комора на Македонија

Сподели!
- Advertisement -