Она што ја прави уникатна бионичката рака Venus Arm е тоа што таа може лесно да ја склопи секој човек, без претходно искуство и знаење. Преку прогресот што тимот ги направи во дизајнот на раката, од првиот прототип до сегашната бета верзија, успеа да го скрати времето на склопување од 7 часа на само 1 час!
Орхан Багашов е ученик во средното училиште „Јахја Кемал“ во Скопје и иако има само 16 години, веќе е со осумгодишен стаж во иноваторството и технологијата. Најпознат е по проектот 3Д печатена бионичка рака која е развиена со тим соученици од „Јахја Кемал“ и за која летово победија на националниот младински предизвик „Генерација без граници“ (Generation Unlimited)
3Д печатена бионичката рака, која всушност е електронска протеза, функционира со помош на мускулни сензори кои ги читаат импулсите на мускулите на подлактницата и е наменета за лицата со недостаток на горен екстремитет.
Овој продукт е направен врз принцип секој човек кој има потреба од бионичка рака да може да преземе бесплатен модел за 3Д печатење и да го отпечати, да ги нарача другите делови на интернет и да ја состави раката, без претходно искуство, во рок од 1 до 2 часа. Овие карактеристики ја прават оваа бионичка рака да има најмалку 28 пати пониска цена од другите моментално достапни бионички раце на пазарот.
„Изработката на бионичка рака е тимска работа, во која учествуваат уште тројца мои другари од средното училиште „Јахја Кемал“ од Скопје. Прототипот го направивме на работилница Generation ulmited како дигитално решение за лица со попреченост.
Додека работев на роботската рака, која е во склоп на еден поголем мој проект – хуманоиден робот, ги анализирав бионичките раце кои се на пазарот, а впечаток ми оставија нивните високи цени. Така започнав да размислувам за можноста да се развие технологија на друг начин, кој ќе овозможи истите да бидат достапни за сите.
Нашата целна група се лицата со недостаток на горен екстремитет кои во секојдневието се соочуваат со разни проблеми како пишување, интеракција со предмети, работа на компјутер итн. Веќе постојат бионички раце или електронски протези за овие лица. Но, тие бионички раце имаат поголем број на недостатоци, кои можат да бидат решени доколку постои желба за тоа. Основата на овие недостатоци е цената која изнесува над 10.000 евра. Како резултат на тоа тие не се користат во посиромашните земји и најчесто се вградуваат кај лица над 18 години заради тоа што помладите се уште се во развој. На пример, еден тинејџер кој живее во Македонија и потекнува од просечно домаќинство, најверојатно дека нема да може да си дозволи бионичка рака. Но, ние сакаме да го смениме тоа, и да направиме бионичка рака која ќе биде достапна за секој кој има потреба од неа“, вели младиот Орхан.
Се фокусиравме да направиме Open Source бионичка рака поради тоа што сметаме дека најголемиот проблем е нејзиното комерцијализирање. Open Source значи дека секој кој има потреба од бионичка рака ќе може да ја избере својата големина на рака, да ги симне бесплатните модели за 3Д печатење преку интернет, да ја испечати конструкцијата на 3Д печатар, да ги нарача останатите делови од интернет и да ја состави сам без никакво претходно искуство во период од шест до седум часа. 3Д печатењето станува сè подостапно за сите, но доколку некој нема 3Д печатар и не знае како да ракува со него, би можел да ги нарача деловите од фирми кои нудат услуги за 3Д печатење. Оваа идеја, според нас, е решение на проблемите на досегашните бионички раце поради тоа што материјалите за изработка се поевтини, не се плаќа за транспорт, работна рака и профит за производител и добавувач. Достапна е во секој дел на светот и евтино е да се надогради за децата. Претпоставената цена за да се изработи е 150-200 евра, што е околу 50 пати пониска цена од наједноставните бионички раце на пазарот. Оваа иновација би живеела и без наша понатамошна подршка, ќе може секој кој има идеја и сака да помогне, да може да ја подобри.
ПРЕТПОСТАВЕНАТА ЦЕНА ЗА ДА СЕ ИЗРАБОТИ Е 150-200 ЕВРА, ШТО Е ОКОЛУ 50 ПАТИ ПОНИСКА ЦЕНА ОД НАЈЕДНОСТАВНИТЕ БИОНИЧКИ РАЦЕ НА ПАЗАРОТ.