Интервју со Венера Крлиу-Ханџиски, директорка на Американската гимназија Скопје која кажува како се одвива хибридната настава во секојдневието и со какви предизвици се соочуват.
Вашето училиште е прво приватно училиште во државава кое почна со настава со физичко присуство. Што сѐ презедовте за непречено одвивање на наставата?
Уште од почетокот на пандемијата, тимот на Американската Гимназија Скопје беше посветен на што побрзо и што посериозно решение за ситуацијата на пандемија, условите на карантин и онлајн учење. Имајќи ја предвид нашата посветеност кон врвно образование без оглед на условите, го создадовме и го имплементиравме концептот за хибридна настава, кој се покажа како високоефикасен. Добивме одлични реакции и од страна на учениците, но и од страна на родителите, што дополнително нѐ мотивираше да продолжиме во истата насока. Подготовката за оваа учебна година почна веднаш штом заврши минатата, и во текот на летото работевме на усовршување на концептот за хибридна настава, со цел да им овозможиме на учениците што подобра и што поуспешна учебна година.
Оставивте простор родителите да избираат дали нивните деца ќе посетуваат настава или пак се за онлајн настава. Какви беа одговорите?
Американската Гимназија Скопје постои за учениците, и сѐ што прави, прави со цел да им обезбеди што повисоко ниво на знаење, вештини и способности. Оттука, во преден план се токму нивните желби, потреби и барања, секако, во согласност со нашите високи и строги принципи за квалитет. Подготвивме повеќе опции, и секако дека ги консултиравме учениците, односно родителите. Притоа, на родителите им беа претставени сите мерки што ги презедовме, сите промени што беа направени, и целокупната адаптација на просторот и начинот на одржување на часовите. На наше огромно задоволство, родителите успеаја да го препознаат нашиот ангажман и да ја согледаат нашата посветеност, па поголемиот број од нив без проблем одбраа токму настава со физичко присуство како оптимално решение. Во ситуација на општа несигурност, страв и неизвесност, а од друга страна пак, свесни за физичките, но и социоемоционалните последици од изолацијата и минувањето поголем дел од денот пред компјутер, родителите одлучија дека најдобро за нивните деца е токму класична настава, во која нивните деца се сигурни и безбедни.
Според протоколите, како се одвива наставата? Како изгледа еден училишен ден?
При изработка на нашиот протокол, се водевме од постоечките протоколи за безбедност и заштита на сите релевантни институции во нашата земја, но и советите, мерките и препораките на меѓународните организации за заштита на правата на децата, како што е Уницеф. Оттука, успеавме да обединиме поголем број фактори и да креираме оптимална средина за раст и развој на учениците, и од аспект на стекнување знаење, но и од аспект на социјализација и психофизички развој. Училишниот ден е сличен на класичниот – часовите почнуваат во 8:30ч. и траат до 15ч. Разликата е во тоа што овојпат тие се во блокови, одморите се преструктурирани со цел да не се мешаат ученици од различни паралелки, има поголема контрола на движењето и протокот на луѓе во просториите на училиштето. При влез, на учениците им се мери температура, носењето маски е задолжително, насекаде има диспанзери со средства за дезинфикација, УВ лампи за дезинфекција, заштитни прегради и налепници-потсетници за одржувањето безбедно растојание. Имаме вработен што е посветен на спроведување на мерките за безбедност, кој дополнително внимава на учениците. Во текот на наставата, професорите посветуваат посебно внимание на едукативниот аспект на ситуацијата и ги учат учениците на повисоко ниво на лична хигиена, како дел од колективната свест и одговорност на која се посветува внимание и во редовниот воспитно-едукативен процес. Имаме и посебен протокол за наставата по физичко образование, која ни е исклучително значајна, бидејќи знаеме од колкава важност е телесниот развој за здравјето на децата.
Американската Гимназија Скопје од оваа година обезбедува и организиран превоз за своите ученици, со нивно земање и враќање на домашна адреса, со цел да се обезбеди уште едно ниво на заштита во целиот наставен процес, при што, трошоците за превозот делумно ги покрива училиштето.
За учениците што одбраа хибридна настава, училишниот ден се движи во истите рамки, со тоа што тие ја следат наставата преку техника за аудиовизуелна комуникација. Имаат можност да учествуваат во наставата, да постават прашање, да дискутираат, а оценувањето исто така се спроведува онлајн.
Пред почетокот на школската година учениците, наставниците и административниот кадар се тестираа за Ковид19. Планирате ли ова да стане редовна пракса?
Во зависност од развојот на општата состојба во земјата, односно следејќи ја епидемиолошката слика, праксата на тестирање на учениците останува, секако, во согласност со актуелните препораки и мерки. Ние редовно ја следиме ситуацијата, бројките и ризиците, имајќи го предвид и психолошкиот аспект на самото тестирање кај учениците, така што праксата ќе се спроведува редовно, и, се надеваме, што поретко. Се надеваме на позитивен исход на ситуацијата и остануваме оптимисти дека здравствената криза брзо и успешно ќе се надмине.
Колку ученици има во моментов во гимназијата?
Интересот за запишување нови ученици е голем и бројката секој ден се менува. Имаме голем број ученици префрлени од други училишта, и приватни и државни, а имаме и неочекувано голем број ученици во прва година. Нѐ радува фактот дека родителите ја препознаваат предноста на АГС и нашата адаптација на ситуацијата, и ни даваат доверба со запишување на нивните деца. Во моментот, според последните податоци за уписи, Американската Гимназија Скопје брои над 60 ученици, од 1 до 4 година.
Порака до родителите – дали вие лично сте за физичко присуство или не?
Возраста на учениците со кои ние работиме е специфична, и би рекла, клучна за целиот живот. Ова е период во кој тие учат за светот околу себе, но и за самите себе. Човештвото е не само склоп на информации од разни научни и теориски области, туку и разни сензации, уметнички импресии, и меѓучовечко учење. Од тој аспект, сметам дека припадноста во група, дружењето со врсници и динамиката на односи што се гради со врсниците се суштински за развојот на младиот човек и за неговото правилно насочување во иднина. Размената на искуства, ставови, мислења, енергијата која струи меѓу индивидуите, но и енергијата на групата како таква, се нешта што треба да се почувствуваат. Нашиот концепт за хибридна настава апсолутно го доближува сето ова дури и за учениците кои се зад своите компјутери, правејќи ги дел од наставата, од дискусиите, од размената, но лично, јас би одбрала настава со физичко присуство.
Добивте статус на кандидат за акредитација. Што конкретно значи тоа за учениците?
Минатата зима, Американската гимназија Скопје беше домаќин на Accrediting Commission for Schools, Western Association of Schools and Colleges. Врз основа на информациите стекнати од училиштето, извештаите и самата посета, а со оглед на нашето континуирано следење и придржување на процедурите, критериумите и политиката за акредитација на ACS WASC, на Американската гимназија Скопје ѝ се одобри Статус на Кандидат за акредитација. Како што напредуваме во процесот на акредитација, овој статус значи потврда за нашата работа и за нашиот потенцијал, како и за знаењето и вештините стекнати тука, и е чекор напред во нашата посветеност кон врвно образование. За учениците и за нивните родители, овој статус е гаранција дека сме посветени да создадеме повисоко ниво на знаење кај учениците, да ги развиеме нивните вештини и да негуваме силно социјално разбирање кај идните генерации. Во нашето чекорење кон стекнувањето на акредитацијата, учениците можат да бидат сигурни дека ги применуваме сите потребни процедури и ги следиме сите строги критериуми што гарантираат нивно врвно образование, она зад што стои самата акредитација.