„Бајки од Македонија за цела година“ помеѓу 200 најдобри книги за деца и млади во светот на престижната листа White Ravens 2020

- Advertisement -

Илустрираната книга „Бајки од Македонија за цела година“ е вброена на престижната листа White Ravens, помеѓу 200 најдобри книги за деца и млади во светот. Интернационалната младинска библиотека од Минхен, секоја година објавува листа на 200 книги за деца и млади од автори од целиот свет, кои ги препорачува како најдобри книги за деца и млади за изминатата година и ги објавува во посебен каталог White Ravens (бели гаврани).

На оваа престижна листа годинава се најде и македонското издание „Бајки од Македонија“. Каталогот White Ravens на младинската библиотека оваа година содржи 200 наслови од 56 земји на 36 јазици. Изборот на годишно ниво го прават голем тим на уредници кои од голем број на пристигнати книги прават избор на 200 најдобри дела на годишно ниво.

- Advertisement -

Ова е дополнителна потврда дека нашата посветеност и ентузијазам со кои го работиме овој проект од трајна културолошка вредност е препознаен и од читателите, не само кај нас туку и во светот, како дело со огромен квалитет. Дополнително нѐ радува што успеавме да создадеме модерен формат преку кој македонското народно творештво успеавме да го приближиме до современата млада публика и ова вредно дело се најде во конкуренција со 200 најдобри наслови во светот. Ова е огромен успех и ние продолжуваме да работиме и да создаваме нови успешни приказни“, истакна Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“.

Каталогот White Ravens се објавува од 1984 година. Вообичаено, тој и избраните наслови се претставуваат на посебен настан на Меѓународниот саем на книгата во Франкфурт, но годинава поради светската пандемија, промоцијата се изведува виртуелно.

- Advertisement -

Навистина е голема исчекор и за Арс Ламина, но и за целокупното македонско издаваштво што токму на оваа престижна листа се најде наше издание на што сме особено горди. Тоа е јасна потврда дека вистинскиот квалитет и вредност може да се препознае и во услови на огромна конкуренција од целиот свет“, истакна истакна Бранка Бугариска, раководител на издаваштво во „Арс ламина“.

Книгата „Бајки од Македонија за цела година“ е дел од проектот „Бајки од Македонија“ на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“. Изданието е составено од 52 бајки од македонското народно творештво, односно по една бајка за секоја недела во годината. Бајките се избор од собраните народни приказни од Марко Цепенков, Стефан Верковиќ и Танас Вражиновски. Приказните во оваа книга, меѓу кои и оние за Злата Позлатена, за Тентелина и волците, за Ламјината ќерка Црнодреха, Змејот од Пелистер и многу други, ја будат фантазијата на секое дете кое со возбуда ќе сака да ги прераскажува повторно и повторно. Изборот и адаптацијата на бајките е на Билјана Црвенковска, а илустрациите се на Катерина Николовска, која е избрана на конкурсот за илустратори на „Браво Сине“ и „Арс Ламина“.

Сподели!
- Advertisement -