Министерството за финансии подготвува предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Македонската банка за поддршка на развојот заради олеснување на пристапот до финансиски средства за микро, мали и средни компании, особено во услови на отежнато работење и намалени приходи и ликвидност како последица од пандемијата од ковид-19.
„Владата на Република Северна Македонија усвои мерка за воспоставување на државна гарантна шема преку Развојната банка на Република Северна Македонија. Со оваа мерка ќе се овозможи поддршка на приватниот сектор преку преземање на дел од кредитниот ризик, подобрување на условите за колатерал по кредити од деловните банки и стимулирање на банките во понудата на долгорочни кредити за раст и развој на микро, мали и средни компании“, пишува во образложението објавено на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).