Цените на храната растат петти месец по ред, што укажува на постепено закрепнување од шокот предизвикан од пандемијата, соопшти Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО). Индексот на цените на основните прехранбени производи во октомври се искачи во просек на 100,9 поени, најмногу од јануари. Тоа е за 3,1 поени повеќе од ревидираната вредност во септември.
Цените на житните култури минатиот месец скокнаа за 7,2 проценти во споредба со септември и 16,5 проценти во споредба со октомври минатата година, информира ФАО. Извозната цена на пченицата се зголеми поради намалената понуда, додека цените на пченката го достигнаа највисокото ниво во повеќе од шест години, како резултат на големата побарувачка од Кина.
Цените на јачменот исто така се зголемија, додека оризот стана значително поевтин, пренесува хрватски „Вечерњи лист“. Цените на шеќерот во октомври се зголемија за 7,6 проценти во споредба со септември, што се должи на очекуваниот пад на производството во Бразил и Индија како резултат на слабите врнежи од дожд. Индексот на цените на млекото и млечните производи во октомври се зголеми за 2,2 проценти, најмногу како резултат на зголемувањето на цената на сирењето.
Во октомври паднаа само цените на месото и тоа за 0,5 проценти во споредба со септември, откако Кина воведе забрана за увоз на свинско месо од Германија поради потврдени случаи на африканска свинска чума.
ФАО наведува дека жетвата на житото во светот е на пат да достигне рекорд во 2020 година, иако прогнозите се дополнително намалени на 2,75 милијарди тони. Дури и во тој случај би се забележал рекорд и пораст во споредба со минатата година за 1,6 проценти.
Организацијата предвидува дека потрошувачката на житни култури во сезоната 2020/2021 година ќе изнесува 2,745 милијарди тони, што би претставувало зголемување од 1,9 проценти во споредба со 2019/2020 година.