Eксклузивен поглед во најновиот хотел со 5-ѕвезди на Лимак групацијата во центарот на Скопје!

- Advertisement -

Позади тарабите на моментално најголемото градилиште во центарот на Скопје се крие комплекс чија изгрaдба се одвива со забрзано темпо, и по чие завршување централното градско подрачје нема повеќе да биде исто!

Станува збор за проектот „Diamond of Skopje”, кој го гради турската Лимак групација во вкупна вредност од 250 милиони евра и вклучува ексклузивен хотел со пет ѕвезди, четири резиденцијални кули, деловни простории и шопинг центар. Проектот, чија прва фаза целосно треба да биде готова во 2022 година, сега е во момент на целосно завршување на хотелот, а првиот блок од резиденцијалниот дел веќе е во градба.

- Advertisement -

„Според плановите и динамиката на работа, летото 2022 година овде ќе имаме еден многу убав комплекс за живеење, работа и содржини за слободното време со што веруваме ќе придонесеме за разубавување на централното подрачје на градот.

Ние веруваме во успехот на овој проект и тоа веќе го гледаме и преку големиот интерес за купување на станови и деловен простор од различни делови на светот, и од македонската дијаспора. Кога ќе се постави карабината на првите две кули, во пролет следната година очекуваме интересот уште повеќе да се зголеми“, вели Бора Озерман, директор за продажба и маркетинг на „Лимак Скопје“ при нашата посета на комплексот.

„Иновативност“ мината недела имаше уникатна можност да го прошета ексклузивниот хотел „Limak Skopje Luxury Hotel“, кој според сегашните планови би требало да ги дочека првите гости на почетокот на следната година.

- Advertisement -

Уникатноста и спецификите на хотелот ни ги претстави проект-менаџерот Чагри Серен.  

Преку широкото и светло фоаје, се искачивме до шестиот кат на објектот каде се наоѓа огромна банкет сала (за 750 лица) со sky bar, од каде од сите страни преку стаклените ѕидови се протега преубава панорама на Скопје.

- Advertisement -

Од пространиот ресторан на петтиот кат, кој исто така е во знакот на зеленилото и растенијата, што му дава особен шарм, се излегува на тераса со преубав поглед на Водно која ќе биде отворена во текот на целата година.

Директорката за маркетинг и продажба на хотелот, Јелена Костадиновиќ Танев, потенцира дека ботаничките мотиви и цветовите се одлика на хотелот и тие се наоѓаат насекаде, давајќи смирувачка нота на целиот амбиент. Вкупно 20-те апартмани во хотелот носат име на некој цвет, а претседателскиот се вика „Лотус“.

Уникатноста на овој хотел му ја дава и еден од најголемите спа-центри во градот со оригинална и пространа турска бања, која е новитет во земјава.  


Хотелот содржи и повеќе сали за конференции и состаноци кои исто така се уникатни по изобилството на светлина и многу зеленило, кои се генерална карактеристика на целиот објект. 

Проект-менаџерот Серен вели дека уникатна карактеристика за објектот е што целата фасада е од природен материјал, и не содржи никакви композити или пластика. Тоа, според него, заедно со камената волна како природен материјал за изолација, ја прават зградата енергетски ефикасна на што се надоврзува и фактот дека поради малкуте стаклени елементи објектот нема да троши многу енергија за загревање и ладење. По целосното завршување се очекува објектот да има А+ ниво на енергетска ефикасност.

Градежните работи во хотелот привршуваат, се доработуваат фините елементи, а веќе е пристигнат и целиот мебел за хотелот. Тимот неуморно и деноноќно работи сите детали од овој хотел со пет ѕвездички да бидат на свое место пред да се отворат вратите. За нив во овој момент главен приоритет е се да биде на свое место и по високите стандарди на групацијата која има четиридецениско искуство во градежната индустрија.

Вградениот мермер е од ексклузивни турски и италијански брендови

Обиколката на градежниот комплекс на Лимак во Скопје го завршивме со увид на подземната сообраќајница која во моментов се пробива. Сообраќајницата во должина од 800 и широчина од 37 метри, со по две сообраќајни и една безбедносна лента во двете насоки, ќе почнува наспроти паркот кај зградата на „Нова Македонија“ и ќе оди под целиот комплекс, со што значително ќе се олесни сообраќајот и гужвата во центарот на градот. На почетокот и на крајот на сообраќајницата ќе има кружни текови, кои се во надлежност на Град Скопје.

Овој тунел има потпорни ѕидови кои се меѓу најголемите во Македонија, а темелната плоча е со дебелина од 2 метра

Факти за Лимак групација:

  • 60.000 вработени во рамки на дејностите во кои работи
  • Портфолио во градежништво, енергетика, туризам, инфраструктура
  • Istanbul Grand Airport, мостот Чанак Кале, нов меѓународен терминал во Кувајт (во вредност од 4,6 милијарди долари), хидроцентрала Јусуфели со трета највисока брана во светот (275 метри) …
  • Активни проекти во 17 земји на три континенти
  • Реализирани над 100 проекти во вредност од над 10 милијарди долари
  • Рангирана на 61 место на лисатата на најдобри градежни компании во светот (на претходното рангирање беа на 67 место)

Факти за комплексот „Diamond of Skopje:

  • Хотел со вкупно 142 соби, трговски центар, резиденцијални објекти и деловен простор
  • Вредност на инвестицијата – 250 милиони евра
  • Втор по големина зелен појас во градот (по Градскиот парк) од 11.000 квадратни метри
  • Затворен паркинг со 3.200 паркинг места
  • Резиденцијалните објекти се 4 згради со 772 стана и 24 деловни простори
  • Становите се од 42 до 105 квадратни метри со модуларен модерен дизајн
  • Зелен простор за резидентите со патеки за трчање, детски катчиња и простори за рекреација и одмор
Сподели!
- Advertisement -