На Светскиот конгрес за ИКТ кој се одржa вчера, 19. ноември 2020 во Пенонг, Малезија, на кој учествуваа визионери и деловни лидери од целиот свет, компанијата Некстсенс, во конкуренција на огромен број компании и иновативни решенија од преку 80 земји, ја доби престижната глобална награда за заслуги во областа на ИКТ иновативноста – Virtual WITSA Global ICT Excellence Merit Award 2020 за своето решение Nextsense Contact Tracing Technology и мобилните апликации СтопКорона! и ВирусРадар.
Листа на номинирани компании и решенија: https://witsa.org/2020-witsa-global-ict-excellence-awards-nominees/
Оваа најголема ИКТ награда на интернационално ниво ја доделува Светската алијанса за информатичка технологија и услуги (WITSA) за исклучителни достигнувања во областа на информатичка и комуникациска технологија. Технологијата на Некстсенс за следење на изложеноста на Ковид 19 – Nextsense Contact Tracing Technology беше номинирана за WITSA награда од страна на МАСИТ.
Наградата, доделена на Светскиот конгрес за ИКТ претставува потврда за исклучителните достигнувањата на Некстсенс во развој на врвна технологија и признание за високото ниво на стручност и посветеност на тимот на Некстсенс, кој своето знаење го стави во функција на поддршка на заедницата во борбата против Ковид-19.
На церемонијата на доделување на наградите што се одржа во Малезија, Васко Кроневски, Главен извршен директор на Некстсенс истакна:
„Глобалната криза предизвикана од пандемијата ја предизвика отпорноста на нашите општества и нè мобилизира сите да дадеме придонес кон заедницата за општо добро.
Благодарни сме на МАСИТ за номинирањето на нашето решение. Ни претставува особена чест што реномираната WITSA ги потврди вредноста и значењето на Nextsense Contact Tracing Technology и го награди нашето решение со глобална награда за ИКТ заслуги.
Со несебичен придонес на нашите вработени, клиенти и партнери во Северна Македонија, Унгарија и Хрватска кои ја дадоа својата креативна енергија и своите ИКТ вештини, развивме алатка што ќе го зајакне општеството во борбата против Ковид-19.
Навистина беше голема радост да се работи со тим од вистински мотивирани професионалци.“
Доделувањето на наградите може да го проследите на следниот линк: https://youtu.be/wBBKmuep6iU
Награденото решение на Некстсенс – пример во светски размери
Вредноста на решението на Некстсенс за детекција на изложеноста на Ковид-19 произлегува од врвната технологија имплементирана во мобилните апликации СтопКорона и ВирусРадар, која целосно ја гарантира приватноста на корисниците, обезбедува високи стандарди на безбедност и заштита и притоа нуди едноставно корисничко искуство, разменувајќи сигурни анонимизирани податоци.
Ова решение претставува пример во светски размери како технологијата, комбинирана со супериорно техничко знаење, тимска работа и силна посветеност кон помагање на заедницата, може да придонесе во борбата против светската пандемија. Некстсенс со ова решение постави високи стандарди и позитивна практика со која се мотивираат и другите компании во светот да ја користат технологија во функција на заедницата.
(Denar.mk)