Фејсбук во четвртокот соопшти дека ќе започне да ги отстранува дезинформациите за вакцините за коронавирусот, додека земјите ширум светот се подготвуваат да започнат со вакцинирање на населението. Од компанијата известија дека ќе бидат отстранети погрешни тврдења што веќе се отфрлени од експертите за јавно здравје.
Политиката на Фејсбук и досега вклучуваше отстранување на лажните тврдења за ковид-19 за да истите не доведат до физичка повреда на луѓето, зашто во некои тврдења се промовираа лажни лекови или пак теории на заговор кои го поврзуваа вирусот со 5G мрежата. Компанијата објави дека отстранила 12 милиони објави во периодот помеѓу март и октомври.
Фејсбук досега немаше официјален став за вакцините, освен што ги забрани рекламите кои промовираат теории на заговор против вакцинацијата.
Со одобрувањето на вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ од страна на британските власти, Фејсбук соопшти дека ќе ги забрза плановите за забрана на лажните информации на својата платформа како и на социјалната мрежа Инстаграм.
Објави кои не се дозволени се оние со лажни тврдења за состојките на вакцините, како и нивната безбедност, ефективност и несаканите ефекти. Забрането е и ширење на теоријата на заговор дека вакцините содржат микрочипови за контрола или за следење на пациентите.
Фејсбук се најде на мета на критики заради пристапот кон лажните вести на почетокот на пандемијата, а неколку поголеми брендови го стопираа своето рекламирање на платформата. Содржини со погрешни тврдења за пандемијата сè уште се широко распространети на платформите на Фејсбук.
Справувањето со дезинформациите за вакцините на социјалните мрежи се очекува да се одвива со потешкотии, како што владите на глобално ниво бараат да започне имунизацијата на луѓето против коронавирусот.
И Јутјуб и ТикТок соопштија дека ќе ги отстрануваат лажните тврдења за вакцините, додека од Твитер изјавија дека работат на плановите пред медицински одобрената вакцина да стане достапна.
Извор – Мета.мк