Развојната банка на Република Северна Македонија денеска го објави јавниот повик за бескаматни кредити со фонд од 31 милион евра, преку кој се очекува да им се помогне на 2.000 домашни претпријатија полесно да ја поминат ковид-кризата со плаќање на нула камата.
Може да учествуваат сите микро и мали претпријатија, трговци-поединци и занаетчии. Тоа се 2,5 пати повеќе средства за финансисрање на тековните трошоци и поголема ликвидност на претпријатијата во однос на претходните бескаматни кредитни линии. Очекуваме на повикот да аплицираат 2.000 субјекти, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Доставувањето на барањата стартува на 16 декември, а барањата ќе се обработуваат хронолошки, а кредитите ќе се даваат по принципот „Прв дојден прв услужен“. Услов кој треба да го исполнуваат домашни субјекти е да имаат пад на приходите од април до август за 20 отсто во однос на минатата година. Кредитите ќе треба да се вратат за три години а грејс периодот е шест месеци. Минимален износ е 3.000 евра, а максималниот 5.000 евра за трговец-поединец и занаетчија и 15.000 евра за мало и микро претпријатие.
Ќе има и кредити со грант компонентата од 30 отсто, за претпријатија управувани од жени, млади до 29 години, извознички фирми чии приходи од странство се најмалку 50 отсто и тие од зелена економија, односно кои работата на полето на модернизација, дигитализација и иновации.