Бројот на Скопјани кои користат велосипед како превозно средство се зголемил во корона кризата

- Advertisement -

Итни мерки во јавниот простор во насока на стимулирање на велосипедскиот и пешачкиот сообраќај се потребни за Скопје:

Над 72% од граѓаните се согласни за промена на политиките за јавниот простор

Локалните и државни власти мора ИТНО да делуваат и да го искористат намалениот моторен сообраќај во корона-кризата за похрабри мерки во јавниот простор бидејќи сите Скопјани, без разлика дали користат велосипед или не, се свесни за значењето на велосипедот, но и со право очекуваат подобри услови, пред сè инфраструктурни, безбедносни и културни. Ова е заклучокот од онлајн анкетата која граѓанските организации НаТочак и Одржливи иницијативи ја спроведоа во месец ноември, а на неа одговорија 1615 учесници во градскиот сообраќај во врска со нивното движење низ Скопје пред корона и за време на корона – кризата и нивното мислење за велосипедот.

Анкетата покажува дека корона кризата дефинитивно повлече промена во транспортните навики на Скопјани, односно, 28% направиле промена како резултат на појавата на вирусот.
Забележлива промена се случила кон активен транспорт (велосипед и пешачење), но и кон индивидуален автомобил.
Во моментов севкупно сообраќајот и бројот на патувања се намалени (помалку се оди на работа и голем број активности се извршуваат на интернет), но бројот на индивидуални корисници на автомобилот пораснал за 21.56% за време на кризата, а бројот на корисници на јавниот превоз се намалил за 55.43%. Многу (90%) од оние кои споделениот автомобилски или јавниот превоз го замениле со сопствен автомобил, го направиле тоа поради страв од зараза. Може да се очекува дека овие лица ќе продолжат со новостекнатите транспортни навики и после кризата, а тоа долгоорочно значи повеќе моторни возила на улиците на Скопје, односно поголеми сообраќајни гужви, повеќе емисии на јаглерод диоксид, зголемено негативно влијание кон климата, повеќе загаденост, и сите проблеми кои следуваат со овој тренд. Затоа е потребна брза реакција за да се променат овие тенденции за да се овозможи подобар живот во градот и да се намалат негативните влијанија кон климата.

- Advertisement -

“Соодветна инфраструктурна промена би ги спречила негативните тенденции од корона-кризата (зголемен број корисници на индивидуален автомобил) да продолжат и ескалираат после кризата (со зголемен автомобилски сообраќај од новите корисници), а би ги поддржала позитивните тенденции (порастот на одржливиот активен сообраќај на кој сме сведоци и покрај севкупно намаленото движење). За време на кризата се зголемил бројот на луѓето кои пешачат за 22.47%, а на луѓето кои возат велосипед како превоз за 20.88% споредено со оној претходно. А 60% од оние испитаници кои почнале да користат велосипед за време на кризата се од општините со некакви услови за велосипеди (Карпош и Аеродром), а од таму се помалку од половина од испитаниците. Ова сосема јасно ги исцртува мерките против корона, но и против климатските промени, а за здрава животна средина кои мора да се преземат“, велат од иницијативата НаТочак, повикувајќи се на резултатите од анкетата.

Велосипедот треба да заземе поактивно учество во сообраќајот, особено зашто велосипед поседуваат голем број од анкетираните (80%). Пред кризата, 26.5% користеле велосипед покрај друго превозно средство, а 20% од сите користеле исклучиво велосипед, процент кој е зголемен за 20.88% од март наваму. Дури и да ги исклучиме ентузијастите кои возат постојано и кои во голем број одговориле на анкетета, сериозно се застапени и другите групи. И луѓето кои возат повремено велосипед и луѓето кои вооопшто не користат велосипед, со 97% и со 90% сметаат дека велосипедот треба да заземе поактивно учество во градскиот сообраќај и дека за тоа треба да се создадат услови. Три четвртини од оние кои воопшто не користат велосипед одговориле дека би сакале да возат и би возеле кога би имало подобра инфраструктура, безбеден сообраќај, безбеден паркинг.  

- Advertisement -

Корона-кризата е одлична можност да се воведат нови велосипедски ленти, да се ослободат тротоарите и да се донесат политики за јавниот простор кои ќе овозможат зголемено учество на велосипедот, за сите учесници во сообраќајот, без разлика на нивниот префериран начин на движење. На пример, дури 72% од оние на кои примарно превозно средство им е автомобилот се согласни за поинакви политики за јавниот простор. Велосипедот е најсоодветна анти-корона мерка во сообраќајот за 70% од сите испитаници, но и за 63% од оние кои користат автомобил и за 61% од оние кои користат автобус, а истовремено и лесно остварлива, или поинаку кажано, зголемената употреба на велосипеди е втора најостварлива анти-корона мерка после зголемениот број автобуски линии.

Сподели!
- Advertisement -