Радмила Томовска од Баскискиот Универзитет: ковид кризата ја истакна големата важност на науката во решавање на проблемите со кои се соочуваме!

- Advertisement -

Радмила Томовска е редовен професор на Баскискиот Универзитет во Шпанија и  веќе дванаесет години живее во Сан Себастијан. Таа дипломирала, магистрирала и докторирала на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, а постдокторските студии ги завршила во Прага, на Институтот за Фундаментални истражувања, стипендирана од НАТО. 

Интервјуто со професор Томовска е последно оваа годинa од серијалот “Од ТМФ со успешна кариера“ кој го реализираше Иновативност во соработка со Технолошко-металуршки факултет во Скопје!

Разговараше – Верица Јорданова

- Advertisement -

Како се случи да станете дел од Баскискиот Универзитет?

Веќе бев на позиција на доцент на Технолошко-металуршкиот факултет кога ја добив понудата за работа во ПОЛИМАТ Институтот во склоп на Баскискиот Универзитет. Бидејќи се работи за позиција во една од водечките групи во светот од областа на полимери синтетизирани во дисперзен медиум, беше тешко да се одбие. Чувството беше зајакнато кога за прв пат го видов Сан Себастијан. Градот е магичен, ме освои на прв поглед и помислив дека е вистинска привилегија да живеам тука. Ова чувство се потврди низ годините. Но секако беше дополнителен импулс за да ја прифатам работата во ПОЛИМАТ.

- Advertisement -

Дополнителен импулс беше и можноста да бидам дел од екстензивната мрежа на научници, организирана од научната фондација позната како ИКЕРБАСК, со сите привилегии, но и одговорности што ги носи. Финансирана е од Баскиската влада и во изминатата декада донесе повеќе од 200 светски познати научници да живеат и творат во Баскија.

Вашата научна и истражувачка работа е во развој на полимерни материјали со примена во повеќе области, како енергетика, здравство итн. Може ли да ни кажете нешто повеќе за ова и да ни наведете конкретни примери на практична примена на овие материјали? 

- Advertisement -

Тоа е визијата на ПОЛИМАТ генерално: развој на нови полимерни материјали, со капацитет да ги надминат големите предизвици на овој век (одржливост, енергија, здравство …).

Мојата истражувачка работа се фокусира на одржливоста. Новите полимерни материјали што ги развивам со моите докторанти и магистранти се базираат на вода како главен растворувач, не содржат испарливи органски соединенија и се со значително намален јаглероден отпечаток. Во последно време работам и со материјали екстрахирани од биомаса, кон зголемена одржливост.

Материјалите имаат две апликативни насоки. Примена базирана на голем волумен, која опфаќа функционални и заштитни превлаки и атхезиви, и апликации базирани на мали количества во сензори за идентификација на токсични гасови, материјали за заробување на СО2, фото- и био-катализатори, и т.н.

Првата насока е силно апликативна и се развива во соработка со најголемите светски хемиски компании, како БАСФ, Акцо Нобел, Аркема, Алнекс, Вакер, …, за кои што истражуваме фундаментални аспекти за да разрешиме практични проблеми.

Успехот во мојата работа го гледам во опсегот на работата. Во моментов сум лидер на три индустриски проекти и четири финансирани од јавни агенции за развој и истражување од земјава и странство. Под мое менторство докторираа  веќе три кандидати со највисока оцена и во моментов менторирам 8 докторски дисертации. Автор сум на повеќе од 70 научни публикации.

Работите исто така и во сегмент на екологија. Какви се светските трендови и пристапи во оваа област, со која се засегнати речиси сите држави во светот?  

Да, имам неколку истражувачки линии од област на екологија, како што е споменатото заробување на СО2, потоа био и фото-катализа. Трендот е да се развиваат нови еколошки постапки и материјали, со кои се избегнува загадувањето на околината. Сепак, сите сме сведоци дека нивото на загаденост на воздухот, водите и почвата е висок, и сведоци сме на климатските промени кои што главно, се резултат на големата загаденост на воздухот. Според тоа, сеуште е потребно да се пронаоѓаат нови начини на елиминирање на полутантите. Тука трендот е новите материјали и постапки да имаат мала потрошувачка на енергија при производство и употреба, голема ефикасност, да не се склони на секундарно загадување, да работат во циклуси и да имаат долг животен век. Со други зборови да се намали можноста за дополнително оптеретување на околината при обидите за нејзино прочистување.

Како се справувате како истражувач во ситуацијава со Ковид пандемијата. Дали можеби Вашиот универзитет се вклучи во решавање или олеснување на некои од последиците од оваа ситуација? 

Ковид пандемијата не погоди до одредено ниво, но не многу. Дури и во периодот на строгиот карантин во траење од повеќе од два месеци, научната работа се зголеми. Најмногу беше погодена работата во лабораторија, така што експерименталната продукција се намали значително.

Но Ковид пандемијата има и ќе има и позитивни ефекти за академските работници посебно од јавниот сектор. Државните администрации почнуваат да ја разбираат важноста на науката и се одвојуваат се поголеми буџети за развој, наука и истражување, не само во области тесно поврзани со Ковид.

Баскискиот Универзитет реагираше многу брзо на новонастанатата ситуација, не снабди во најкусок можен рок со алатки за он/лине настава, воспостави строго контролиран пристап на универзитетот за да ги намали можностите за ширење на вирусот, сите вработени ги снабди/снабдува со маски, ослободи дополнителни фондови за финансирање на истражувања поврзани со вирусот, во континуитет организира семинари за да не информира за сите важни сегменти околу вирусот.

Кажете ни за влијанието и улогата на ТМФ во обликување на Вашиот кариерен развој? 

Иако еден дел од мојот образовен процес се реализира надвор од ТМФ и Македонија, сепак сметам дека во принцип тоа што сум и што сум постигнала до сега се должи на образованието и искуството, како и научната култура, стекната на ТМФ. Во овој момент неможам да не ја споменам Др. Филимена Попоска, редовен професор од ТМФ во пензија, која ми беше ментор за дипломската, магистерската и докторската дисертација, но која беше и многу повеќе од тоа, пример за универзитетски професор, научник и човек, всушност цел кон која се стремев да стасам.

Дали и како ги одржувате релациите со ТМФ? 

Моите релации со ТМФ се континуирани од денот од кој го напуштив. Имам неколку срдечни пријатели со кои се дружам и соработувам и ден денес. Би ја споменала Проф. Јадранка Блажевска-Гилев, денешен в.д. декан на ТМФ, со која во минатите 7-8 години реализиравме два меѓународни проекти финансирани од НАТО и во рамки на кои се опреми нова Ласерска лабораторија на ТМФ.

Исто така многу млади истражувачи од ТМФ добија екстензивен и сеопфатен тренинг во капацитетите на ПОЛИМАТ, во мојата истражувачка група и веројатно дел од нив ќе бидат идните кадри на ТМФ. Во ПОЛИМАТ во изминатите неколку години докторираа двајца млади македонски научници од ТМФ, денес веќе со солидна кариера во познати хемиски компании (една во BASF и друга во DAW Chemicals). Во моментов сум ментор за докторска дисертација на уште една одлична студентка од ТМФ, која што очекувам ќе биде иден кадар на ТМФ по одбраната на докторскиот труд.

Кои се Вашите идни планови? 

Во моментов сум без големи планови за иднината, веројатно да продолжам како и до сега. Веќе имам превземено голема одговорност, бидејќи осумте докторанти треба да се изведат на пат, така што во иднина можеби малку ќе намалам со темпото. Но соработката со ТМФ ќе продолжи и понатака, ќе бараме и нови начини за финансирање на нашите идеи и секако мојата врата секогаш ќе биде отворена за младите амбициозни и спремни македонски научници.

Која е Вашата порака до идните студенти?

Студирајте на ТМФ за да бидете лидери на прогресот на сите аспекти на модерното живеење: нанотехнологија, нови материјали, храна, енергија, здравство…

Учете посветено, бидете вредни и темелни, работете континуирано и со голема волја, радувајте се на малите успеси и чекорете амбициозно кон своите цели.

Сподели!
- Advertisement -