Вакцините за КОВИД-19 се очекуваат во првите месеци од 2021 година

- Advertisement -

На денешната прес-конференција, на која портпаролите на Владата информираа за заклучоците и одлуките од вчерашната 32-ра седница, на прашањето во врска со набавката и пристигнувањето на вакцината против КОВИД-19 беше одговорено дека се користат сите инструменти, вклучувајќи го и КОВАКС механизмот, кој беше прв на располагање.

„Веќе се обезбедени 833.000 вакцини за популација од околу 400.000 граѓани за вакцина и ревакцинација во рамки на КОВАКС механизмот. Согласно планот за дистрибуција, вакцините се очекуваат во првите месеци од 2021. Покрај овој механизам, започнавме преговори и за директна набавка од компаниите, кои ги произведуваат вакцините. Предвиден е и трет механизам преку Европската Унија која е во постапка за набавка на 200 милиони вакцини за земјите членки и за уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од унијата. Ние аплициравме за дополнителни 800.000 дози од овие 100 милиони. Дел од првата пратка на вакцини што ќе стигнат во Грција ќе бидат наменети за нашите граѓани. Ова e потврдено уште еднаш во телефонски разговор со грчкиот премиер Мицотакис“, одговори портпаролот Душко Арсовски.

Во врска со планот за тоа по кој редослед ќе се вакцинираат граѓаните во нашата држава, портпаролите на Владата, истакнаа дека, штом биде достапна вакцината во земјава, први ќе ја примат лекарите, медицинскиот персонал и сите други на првата линија во борбата со пандемијата, потоа хронично болните, возрасните граѓани, вработените во градинките и останатите на приоритетната листа. Потоа, ќе се вакцинираат политичарите и како што најави премиерот Заев и тој ќе даде личен пример во насока на давање поддршка во напорите за сузбивање на Ковид-19.

Беше истакнато дека според следењето на процесот на развој, кој нашата држава го прави од сите клинички студии за вакцината, Владата верува во нејзината безбедност и во тврдењата на научниците дека со неа ќе се подигне имунитетот на луѓето.

Во врска со смртноста во последните неколку месеци на КОВИД пациенти, беше одговорено дека Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје водат евиденција за возраста, полот, местото од кое доаѓа и коморбидитети, на сите пациенти кои се починати во здравствените установи во земјава, а билe позитивни на Ковид 19. Најголем дел од егзитирани пациенти се со други болести кои дополнително ја влошиле нивната состојба. Околу 90 проценти од сите пациенти кои се починати, имале најмалку една, до две други болести, што дополнително ја влошиле нивната здравствена состојба и довеле до смртен исход. Најчести болести кои ги имале тие пациенти, заразени со КОВИД-19, се кардиоваскуларни болести, дијабет, болести на бубрезите и пулмолошки болести. Дел од пациентите кои починале биле со карцином во понапредна фаза или имале тешка хируршка интервенција после која настапила смрт, информираа Владините портпароли, кои посочија дека детална анализа за морталитетот на сите лица од КОВИД-19 за целиот период од почетокот на пандемијата ќе биде објавена дополнително.

Портпаролите информираа и дека вчера, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за  вакцинацијата против КОВИД-19 и ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Царинската управа и Министерството за здравство во рок од седум работни дена да изготват и достават до Министерството за здравство сопствени акциски планови согласно нивната надлежност и нивната улога во спроведувањето на Националниот план за вакцинација против КОВИД-19. Истото Владата му го препорачува и на „ТАВ Македонија“, ДООЕЛ Скопје.

Министерството за финансии и Бирото за јавни набавки, во соработка со Министерството за здравство, во рок од најдоцна пет дена треба да изготват Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки со што ќе се овозможи плаќање на аванс поголем од 20 проценти од цената и ослободување од обврската за обезбедување банкарска гаранција за авансно плаќање во постапките за јавни набавки директно поврзани со справувањето со епидемии и пандемии на заразни болести.

Извор и фото – Влада

Сподели!
- Advertisement -