Повеќе од една третина од граѓаните или 35.4% сметаат дека медиумите за време на пандемијата со Ковид-19 не известуваат професионално и непристрасно, додека 64.1% од граѓаните го мислат спротивното, ова го покажуваат податоците од истражувањето кое го објави Македонскиот институт за медиуми (МИМ).
Според одговорите на анкетата која МИМ ја спроведе во соработка со агенцијата „М-Проспект“ на случаен примерок од 1.003 испитаници, во периодот од 14 до 20 декември минатата година, 25% од испитаниците целосно се согласуваат со изјавата дека „медиумите за време на пандемијата со Ковид-19 известуваат професионално и непристрасно. Потоа, 39% донекаде се согласуваат, 21.8% донекаде не се согласуваат со таквата изјава, додека 13.6% од нив воопшто не се согласуваат со тоа.
„Анализата на одговори покажува дека согласноста за професионално и непристрасно известување расте со возраста. Така, 19% од возрасната група од 18 до 29 години целосно се согласуваат со изјавата дека медиумите за време на пандемијата со ковид-19 известуваат професионално и непристрасно, кај возрасната група од 30 до 64 години овој процент се движи од 22%-23%, додека над 65 години е повисок и изнесува 36% од испитаниците. Скоро секој трети етнички Македонец, односно 29.4% целосно се согласува со оваа констатација, наспроти 13.3% од испитаниците етнички Албанци“, стои во истражувањето на МИМ.
Испитаниците, односно, 28.8% од нив ги посочиле социјалните медиуми, како место каде најчесто се забележани дезинформации и погрешни информации, а 26.8% од нив за тоа ги посочиле телевизиските канали.
„Речиси 19% од испитаниците одговориле дека забележале дезинформации и мисинформации на интернет порталите, 8.7% во печатените медиуми, околу 4% на радиото, а 12% не забележале дезинформации и мисинформации.
Забележливо е дека помладите генерации од 18 до 39 години повеќе ги истакнуваат социјалните медиуми и порталите како типови на медиуми на кои забележале дезинформации и мисинформации, наспроти постарите, особено оние над 50 години, кои повеќе ја истакнуваат телевизијата како извор на дезинформации и мисинформации. Од оние кои ги посочиле социјалните медиуми како извор на дезинформации и мисинформации, најголем процент (84.5%) го посочиле Фејсбук, 7.6% Јутјуб, а 5.8% социјалната мрежа Твитер“, се додава во истражувањето на МИМ.