Вредноста на комбинираниот пазар на криптовалути, предводен од биткоинот, се искачи на над еден билион (1.000.000.000.000) долари откако цените на биткоин (BTC), етериум (ETH), рипл (XRP), кардано (ADA) и стелар (XLM) значително пораснаа во последните неколку денови.
Цената на биткоинот вчера надмина 40.000 американски долари, што е историски највисока вредност на најстарата и најмоќната криптовалута во светот. Со последниот раст, вредноста на сите биткоини во оптек се искачи на над 700 милијарди долари.
Последното зголемување од 7% на цената на биткоинот се случи откако демократите победија во тесните избори во Џорџија со што Демократската партија доби контрола над американскиот Сенат за првпат после 2015 година.
Многумина очекуваат контролата на Сенатот од страна на демократите да значи и дополнителен стимул во готовина за бизнисите и физичките лица погодени од пандемијата на пазар кој веќе е преплавен со стимуланси и намалена побарувачка. Експертите за криптовалути укажуваат дека економскиот стимул и печатењето нови долари се основа за широка диверзификација на средствата меѓу институционалните инвеститори.
Тие предвидуваат дека растењето на вредноста на биткоинот и останатите криптовалути ќе продолжи и во наредниот период.
Минатата година, голем број инвеститори од висок профил, започнаа да го опишуваат биткоинот како заштита од инфлација, користејќи го за да се заштитат од штетата што се прави на стабилноста на доларот поради невиденото трошење на владата и печатењето пари, пишува „Форбс“.
Оваа поддршка им помогна на инвеститорите и гигантите од Волстрит да го ублажат својот скептичен поглед кон биткоинот и криптовалутите.
Речиси секоја од првите десет криптовалути со највисока вредност забележа значаен пораст на цената, која во одредени случаи, како кај риплл, кардано и стелар, се зголеми и до 30 или 40 отсто.
Последен пат кога вкупната пазарна вредност на криптовалутите се приближи до 1 билион беше во јануари 2018 година, кога достигна речиси 800 милијарди долари.
Извор – Мета