Бројот на туристи во ноември лани намален за 66,6 отсто

- Advertisement -

Туризмот како една од најпогодените гранки на економијата продолжува да трпи сериозни штети од корона кризата. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во ноември 2020 година изнесувал 21.516, кои оствариле 48.182 ноќевања.

Статистиката покажува дека бројот на туристите во ноември 2020 година, во однос на ноември 2019 година, е намален за 66,6 отсто, а бројот на ноќевањата е намален за 64,5 отсто. Притоа, домашни гости во ноември 2020 имало за 24,9 отсто помалку, додека кај странците намалувањето во однос на ноември 2019 изнесува дури 87,3 отсто.

- Advertisement -

Кај бројот на ноќевањата на домашните туристи во ноември 2020 година, во однос на ноември 2019 година, има намалување од 34 отсто, а бројот на ноќевањата на странските туристи е намален за 84 отсто.

Податоците за ноември 2020 година се само дополнителен показател за кризата во туризмот што ја предизвика корона кризата во земјава. Во периодот јануари ‒ ноември 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е намален за 61, 2 отсто, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 20,3 отсто, а кај странските има намалување за 84,4 отсто.

- Advertisement -

Во периодот јануари ‒ ноември 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е намален за 47,9 отсто, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 14,7 отсто, а кај странските има намалување за 84,1 отсто.

(Meta.mk)

- Advertisement -

(фото: Pxhere)

Сподели!
- Advertisement -