„Сител“, „Канал 5“ и „МТВ 1“ лани биле најгледани телевизии во Македонија, „Антена 5“ најслушано радио

- Advertisement -

Националните телевизиски канали „Сител“, „Канал 5“ и „МТВ 1“ биле најгледани од македонските граѓани во текот на 2020 година, покажува Годишниот извештај за 2020 година за досегот на радиостаниците и за уделот во вкупната гледаност на телевизиите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ). Добиените податоци за 2020 година се засноваат на анкетните испитувања направени на национално ниво во четирите квартали од минатата година, при што е добиен просекот на гледаноста.

На прашањето „кои домашни и странски канали ги гледавте вчера?“, 52,29 отсто од анкетираните лица одговориле дека ја гледале телевизија „Сител“, 47,97 отсто потврдно одговориле за телевизија „Канал 5“, додека 30,25 отсто го гледале првиот програмски сервис на Македонската телевизија (МТВ). По нив, следат „Телма“ со 24,43 отсто, „Алфа“ со 22,15 отсто, „Алсат-М“ со 18,16 отсто и „24 Вести“ со 14,67 отсто.

- Advertisement -

Во однос на вкупниот број на граѓани кои лани гледале телевизија, на прашањето дали гледавте телевизија вчера, потврдно одговориле 77,4 отсто од граѓаните, додека 22,6 отсто од нив рекле дека не гледале телевизија. Забележливо од податоците на извештајот е дека жените лани гледале повеќе телевизија од мажите, Македонците биле повеќе пред телевизиските екрани од Албанците, додека една третина од младите на возраст од 10 до 29 години изјавиле дека не гледаат телевизија. Наспроти ова, најверни гледачи на телевизиите се постарите лица над 50-годишна возраст.

Според анкетата спроведена на национално ниво, граѓаните одговориле дека на телевизија најчесто гледаат вести (41,6 отсто од испитаниците), информативна програма (25,7 отсто) и забавна и/или музичка програма (7,1 отсто).

- Advertisement -

Треба да се посочи дека меѓу странските телевизиски канали, лани најгледани биле „Fox“ и „National Geographic“, додека „Радио-телевизија Србија“ и „Пинк“ најмногу се следени меѓу телевизиите во соседството.

Инаку, податоците од Годишниот извештај покажуваат дека радиото постанува медиум што сè помалку се слуша од граѓаните во земјава. На прашањето дали слушале радио во текот на вчерашниот ден, само 20,3 отсто од испитаниците во земјава одговориле позитивно, додека 79,7 отсто кажале дека не слушале ниту една радио станица.

- Advertisement -

„Антена 5“, „Канал 77“ и „Македонско радио“ биле најслушани радио станици во 2020 година. На прашањето „можете ли да ми кажете кои радио станици ги слушавте вчера подолго од 1 минута?“, 7,4 отсто од испитаниците на национално ниво одговориле дека ја слушале „Антена 5“, 5,5 отсто „Канал 77“, додека 4,1 отсто го слушале „Македонското радио“.

Истражувањето во 2020 година е спроведено врз репрезентативен примерок на национално ниво, при што вкупниот примерок за четирите квартали го сочинувале 9.610 испитаници. Во анкетата е користен полу-структуриран прашалник, а анкетирањето е извршено со примена на телефонско интервју со помош на компјутер.

(Meta.mk)

Сподели!
- Advertisement -