Годинава се организира 6-то издание на меѓународната манифестација Ноќ на идеите и, шеста година по ред, Францускиот институт во Скопје е дел од овој глобален светски настан.
Годинава настанот ќе се одржи онлајн во соработка со Акцелераторот УКИМ, со кого, во 2018 година, исто така, беше реализирана успешна соработка и беше одржан одличен настан.
Во фокус на изданието во 2021 година ќе биде пандемијата на COVID-19 вирусот. Во време кога санитарната криза нè принудува да го редефинираме нашиот однос кон животната средина и воедно ги доведува во прашање иднината на економијата во идното општество, Ноќта на идеите нè повикува, повеќе од кога било, на колективна размисла за светот по пандемијата на COVID-19.
Францускиот институт во Скопје и Акцелераторот УКИМ ќе се приклучат кон оваа меѓународна манифестација преку онлајн дебата на тема: „ДИГИТАЛНА ЕРА: ТОЛКУ ДАЛЕКУ, А ТОЛКУ БЛИЗУ – НОВИТЕ НАВИКИ ПО ПАНДЕМИЈАТА“, а истата ќе се одржи на платформата Zoom, в четврток, 28 јануари2021, со почеток во 17 часот.
На истата ќе стане збор за се поголемата улога на дигиталното и новите навики во ова време на пандемија, кои честопати, колку што нè доближуваат, толку и нè оддалечуваат.
Учество на овогодишната Ноќ на идеите ќе земат:
– г-ѓа Сања Фрковиќ-Гелевска, од Делегацијата на ЕУ,
– г-дин Оливје Крузе, педагошки директор на реномираната француска Школа 42,
– проф. д-р Владимир Давчев, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, и
– г-дин Филип Петровски, од компанијата Дата Мастерс.
Настанот ќе го отвори г-дин Емануел Рембер, Директор на Францускиот институт во Скопје, а модератор ќе биде г-дин Александар Стамболиев, директор Акцелераторот УКИМ.
За настанот ќе биде обезбеден симултан превод, а сите заинтересирани може да се регистрираат ОВДЕ.