Национален регистар на вистински сопственици е во функција од денеска, со што и Централниот регистар се вклучува во борбата против против перењето пари и финансирањето тероризам.
Постоечките субјекти имаат рок од 90 дена да ги внесат потребните податоци во регистарот, а потоа секоја промена на структурата на вистински сопственции се пријавува во рок од осум дена. Новооснованите субјекти, пак, ќе имат рок од осум дена да ги запишат вистинските сопственици. Во спротивно, како што најавија надлежените институции, ќе се соочат со финансиски проблеми. Уписите извршени во законските рокови се бесплатни.
Директорката на Централниот регистар Марија Бошковска Јанковски на промоцијата ги повика сите правни субјекти да се пријават во регистарот, потенцирајќи дека податоците ќе бидат отворени за целата јавност и до информација за вистински сопственик ќе може да дојде секој граѓанин.
„Воспоставувањето на регистарот ќе биде дополнителен квалитет во однос на транспарентноста на домашниот пазар, но и алатка во борбата со перењето пари и финансирањето на тероризмот. Целта е евидентирање и обезбедување точни и ажурирани податоци за вистинските сопственици на правните субјекти. Податоците од овој регистар ќе отворат целосно нова слика за структурата на македонското стопанство. Обврска на секое овластено лице на правен субјект во државата е да го утврди и верификува својот вистински сопственик или сопственици согалсно со Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам и електронски да ги евидентира во регистарот на вистински сопственици“, рече Бошковска Јанковски.
Како што истакна директорот на Управата за финансиско разузнавање Блажо Трендафилов, субјектите што нема да внесат вистински податоци во регистарот ќе се соочат со финансиски проблеми.
„Обврската на субјектите, значи банките, сметководителите, адвокатите, тоа се отприлика 24 дејности, да спореведуават мерки и дејности за спречување перење пари согласно Законот проверуваат дали правното лице кое е нивен клиент ги внел во Регистарот за вистински сопстевник и дали истите се вистинити. Ако таа обврска не е исполнета во моментот го замзрнува деловниот однос со ваквиот субјект“, појасни Трендафилов.
Според вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, со регистарот во периодот што следува институциите во државата добиваат уште една квалитетна алка за борба против перењето пари и финансирањето тероризам.
„Целта на Регистарот е да навлезе длабоко во сопственичката структура на правните субјекти за транспарентно да објави кој е тој што реално профитира од работата на компаниите во нашата земја скриен зад комплексната слоевита правна структура“, рече Николовски.
Како што појасни вицепремиерот, брзото движење на парите овозможено од глобализацијата и дигитализацијата во услови на слаба транспарентност овозможува плодна почва за злоупотреба на финансискиот систем. -Доколку органите на истрагата и на прогонот немаат можност за јасна идентификација на сторителите на кривичните дела тие остануваат немоќни во процесот на нивното гонење и изведување пред правдата што придонесува овие криминални шеми дополнително да се продлабочуваат. Токму во овој контекст една од главните алатки за справување со овој ризик е овозможување на транспарентност на ниво на вистински сопственици на правните лица. Тоа подразбира идентификување на физичките лица кои директно или индиректно остваруваат управувачка или контролна улога во едно правно лице, односно на каков било начин имаат крајно и ефективно влијание во работењето и управувањето со истото, рече Николовски.
Регистарот е имплементиран со финансиска поддршка од Германското друштво за интернационална соработка ГИЗ, како обврска од усогласувањето на домашното со европското законодавство.
Заменик-амбасадорот на Германија во државава Ото Граф истакна дека работата на економските криминали, избегнувањето на плаќањето на криминалот и други видови на економски криминал се мошне важни во обезбедувањето на правата на граѓаните.
„Обезбедувањето на вистинските сопственици на правните лица е важно и бара не само внимание на национално ниво, туку и глобален пристап. Едно од вистинските решенија е да дознаеме кои се вистинските сопственици на компаниите со тоа што ќе имаме ваков национален регистар којшто ќе ни ги прикаже овие вистински сопственици и ќе помогне во спречувањето на перење на пари и помагање на реформите во сите држави“, рече Граф.
Регистарот, укажа, нема да биде важен само за Владата, туку и за целата јавност. Пристап до вакви информации е важен за земјата која што има добро владеење и сака да им ги отвори патиштата на компаниите за идно финансирање.
„Горди сме да го започнеме воспоставувањето на Националниот регистар во државата преку Глобалниот фонд и преку ГИЗ којшто ги поддржува властите во државите во Западен Балкан и продолжува во борбата против криминалот, спречувањето на нелегално стекнатите права и имот и нелегалните активности. -Во оваа насока Република Северна Македонија презеде значајни активности во борбата против борбата и нелегалните финансиски текови. ЕУ смета дека ова е мошне важна алатка и е задолжителна за сите земји членки на ЕУ да имаат регистрирани национални регистри во борбата против перењето на пари. Ова дава насока и за Северна Македонија, која Германија ја гледа како идна членка на ЕУ иако во моментов постојат некои проблеми коишто треба да се решат“, рече заменик амбасадорот Граф.
На воспоставувњето на регистарот му претходеа заеднички активности на Централниот регистар, Управата за финансиско разузнавање, Министерството за финансии.. во изминатите 2,5 години.
Над 200 потенцијални подносители на податоците за новиот регистар досега посетиле обуки, а таквите активности ќе продолжат и во наредниот период.
(Denar.mk)