Како се контролираат економските активности на поранешните функционери во Северна Македонија и Европската унија?

- Advertisement -

При скорешното именување на заменик-претседателот на Регулаторната комисија за енергетика за претседател на Управниот одбор и  генерален директор на МЕПСО, на барање на Владата, ДКСК даде мислење за именувањето. Иако ставот на ДКСК беше дека во случајот  се кршат одредби од Законот за спречување на судир на интереси, Владата не ја измени одлуката за именување. Членовите 47 и 55 од законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси пропишуваат тригодишна забрана за вработување во бизнис секторот на службените лица од јавниот сектор, како и за стекнување на акции односно удели, или за застапување доколку се работи за субјекти кај кои е вршен надзор или со кои имале воспоставено каков било договорен однос при вршењето на јавните овластувања или должности.

Причината која постојат ваквите законски одредби е да се спречи „поповолен третман“ на одредени деловни субјекти од регулаторите или споделување на сензитивни пазарни информации со кои располагаат регулаторите, а за возврат на истите да им биде ветено подоцнежно вработување, хонорарно ангажирање, стекнување на сопственост кај деловниот субјект што бил предмет на регулација или друг вид на корист. Стекнувањето ваква корист е забранета со македонското законодавство, но надлежните институции не немаат редовни активности за примена на овие законски одредби. Ова го покажа истражувањето на Асоцијацијата Зенит, финансирано од Европската Унија преку проектот „Граѓански организации и медиуми против корупцијата – коалиција за нулта толеранција“.  

- Advertisement -

Иако е предвидена глоба за службените лица, правните и физичките лица кои ќе постапат спротивно на овие одредби, годишните извештаи на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) не упатуваат на тоа дека овие законски ограничувања се применуваат во пракса.

Како се регулираат овие прашања во Европската унија?

- Advertisement -

Поранешните функционери на Европската комисија се обврзани во рок од 2 години по напуштање на службата да ја известат институцијата во која работеле за професионални ангажмани кои планираат да ги прифатат. Институциите потоа имаат право да забранат некој ангажман или да наметнат ограничувања при таквиот професионален ангажман со цел да се спречи судир на интереси доколку има основи дека при ангажманот ќе искористат информации или контакти до кои дошле во службата или, пак, дека самиот ангажман е „благодарност“ за  активности кои ги презеле во периодот додека биле функционери. Комисијата во принцип забранува поранешните функционери во период од една година од напуштањето на службата да се ангажираат во лобирање или застапување пред персоналот на нивните поранешни институции за нивниот бизнис, клиенти или работодавачи за прашања за кои тие биле одговорни во текот на последните три години во службата. За да ја увери јавноста дека се преземаат активности за почитување на овие ограничувања, Комисијата објавува годишен извештај на оваа тема, вклучувајќи и список на случаи кои биле оценети. Овие извештаи опфаќаат предмети во кои поранешните функционери се ангажмани како говорници, консултанти, во компании, но вклучуваат и ангажмани во непрофитниот сектор. Во извештаите може да се забележат поединечни предмети кога вакви ангажмани биле забранети од Европската комисија, дури и кога формално нивната цел не била застапување, но сепак постоел ризик да резултираат со лобирање или застапување.

Сепак, системот на превенција на ваков тип на судир на интереси подлежи на критики и во самата Европска унија. Во 2019 година настана вистинска бура во јавноста кога на чело на Европскиот банкарски регулатор (ЕБА) – кој игра клучна улога во регулирањето и супервизијата над банкарскот сектор – застана Хозе Мануел Кампа, лобист на шпанскиот банкарски гигант Сантандер. Дополнително, ЕБА му дозволи да ги задржи акциите што ги поседува во Сантандер. Ова создава потенцијален ризик функционерот да лобира во име на поранешниот работодавач и да обезбеди поповолен регулаторен и супервизорски третман. Во 2020 година, пак, ЕБА дозволи вториот човек во институцијата, нејзиниот извршен директор, да стане главен извршен директор за Здружението за финансиски пазари во Европа (AФME), кое е формирано од големите банки за лобирање на институциите на ЕУ. ЕБА притоа постави ограничувања до кои поранешниот функционер треба да се придржува во својата нова работа, но во пракса тие е невозможно да се спроведат, бидејќи – според проценка на  Опсерваторијата на корпоративна Европа – тие би подразбирале директорот на Здружението да не работи ништо.

- Advertisement -

Кои се начините да се подобри праксата во Северна Македонија во однос на спречување судирот на интереси при економските активности на поранешните службени лица? Прв чекор во создавањето на функционални етички системи е да се осигура дека персоналот е запознаен со правилата и да разбере зошто тие постојат. Во оваа насока може да се зајакнат активностите за информирање за законските ограничувањата што се однесуваат за активностите на поранешните службени лица, вклучително и  формално известување на новите службени лица за ограничувањата и потсетување за ограничувањата на службените лица на кои им престанува службата при примопредавање на должностите или со допис. Може да се следат и практиките од некои европски земји кои нудат и советодавни услуги за функционерите и високите службеници за законските ограничувањата што се однесуваат за нивните економски активностите, вклучително и со давање совети на барање од службените лица, како и воведување на овие аспекти во програмите за обука за интегритетот за службениците. Дополнителна информативна активност која може да помогне е да се вклучат напомени за законските ограничувањата што се однесуваат на економските активностите на поранешните службени лица во формалните документи поврзани со јавните набавки – вклучително и тендерските документации и договорите за јавни набавки.

Oвој текст е став на Асоцијацијата Зенит и содржината на текстот е одговорност на авторот и не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Сподели!
- Advertisement -